• недела, 22 декември 2024

Модриќ не донел одлука да го напушти Реал Мадрид

Модриќ не донел одлука да го напушти Реал Мадрид

 

Мадрид, 2 февруари 2024 (МИА) - Договорот на Лука Модриќ (38) со Реал истекува на крајот од сезоната. Се зборуваше и за заминување од мадридскиот клуб во летото 2023 година, кога имаше богати понуди од саудиските клубови. 

Сепак, тој остана во тимот на тренерот Карло Анчелоти кој сезонава не го користи многу во првиот тим.

Неговото место го зазедоа младите играчи како Џад Белингем, Феде Валверде, Аурелиен Чоамени или Едуардо Камавинга, како и поискусните Тони Крос и Дани Себаљос. 


Капитенот на хрватската репрезентација забележа 25 настапи, односно 1.340 минути поминати на теренот, откако се повредија некои од младите ѕвезди на Реал, па се отвори простор за легендарниот играч за врска. Инаку, тој стартуваше само 15 пати, додека четири првенствени натпревари ги започна од клупата за резерви.

Речиси секојдневно се пишува за заминување на Модриќ на крајот од сезоната, но угледниот спортски медиум „Атлетик“ дознава дека тоа можеби нема да се случи. Во разговор со неименувани извори блиски до Модриќ дознале дека Реал ќе почека да ја донесе „најдобрата можна одлука“ за останување или заминување на играчот од средниот ред.

На Модриќ наводно не му се брза да донесе одлука на почетокот на февруари, но целта му е на најдобар можен начин да ја заврши клупската сезона, а потоа да се фокусира на Европското првенство во Германија каде повторно ќе ја предводи Хрватска.

Исто така, „Атлетик“ дознава дека на Модриќ не му е приоритет да замине во Саудиска Арабија, каде што се неговите сонародници Марсело Брозовиќ и Иван Ракитиќ, меѓу другите.

Модриќ досега добиваше понуди од катарски, американски и европски клубови, но не ја отфрли можноста да остане во Реал, иако е свесен дека Мадрид повторно ќе се фокусира на помладите играчи кои се опоравија од повредите во преостанатиот дел од сезоната. дс


Фото: Твитер/Реал Мадрид

Остани поврзан