• вторник, 13 јануари 2026

Модна ревија без граници „Прошетка на срцето“ во Сараево

Модна ревија без граници „Прошетка на срцето“ во Сараево

Сараево, 24 декември 2025 (МИА) - Модната ревија „Прошетка на срцето“ (Walk Of Heart) ќе се одржи на 27 декември во трговскиот центар Сараево сити центар,  носејќи силна порака за инклузија, надеж и заедништво. Во време на бројни општествени предизвици, „Прошетка на срцето“ 2025 се смета за моден настан без граници, што ја слави убавината гледана со срцето претставувајќи ја модата како начин за промена на перцепциите и рушење на предрасудите.

На пистата овој викенд ќе продефилираат деца и возрасни со различна попреченост, облечени во уникатни и бајковити креации создадени од нив. 

Организатори на настанот се ЈУ Центар за деца и возрасни со посебни потреби ЗДК и ЛЕР-  Центар за креативен развој и Сараевскиот хор Принцес крофни, а  поддржан од бројни партнери и спонзори кои ја препознаваат важноста на инклузијата и општествената одговорност.

„Прошетка на срцето“ не е само модна ревија, туку платформа која ги препознава учесниците како уметници, испраќајќи силна порака, дека секој има право да создава, да сонува и да биде виден во општеството. Со овој настан ќе биде најавен големиот Фестивал на инклузија, што се планира да биде одржан во мај 2026 година, а публиката ќе има можност да доживее емотивно и инспиративно искуство со 25 модели и да ужива во музичкиот настап на саксофонистот Нихад Малиќбеговиќ-  Никсон. мв/сд/

Фото: ВИ

 

Остани поврзан