• петок, 22 ноември 2024

„Мобилност Македонија“ додели ортопедски помагала за лица со тежок и најтежок телесен инвалидитет

„Мобилност Македонија“ додели ортопедски помагала за лица со тежок и најтежок телесен инвалидитет
Скопје, 10 март 2022 (МИА) - Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија -  „Мобилност Македонија“ денеска додели 17 електрични додатоци и 13 нови инвалидски колички со електромоторен погон за лица со тежок и најтежок телесен инвалидитет. Овие помагала, Сојузот ги обезбеди во соработка за Министерство за труд и социјална политика од средствата за игри на среќа кои „Мобилност Македонија“ ги добива за своите програмски активности. Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, истакна дека соработката ќе продолжи со реализација на активности кои ќе го подобруваат животот на лицата со телесен инвалидитет. - Со силна волја и заеднички сили, МТСП, заедно со Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет, прави правата на лицата со попреченост да бидат остварени, а остварени права се видливи права, особено кога лицата со телесна попреченост се меѓу нас, со лесното движење во јавниот живот, рече таа. Дополни дека само на ваков начин, сите ние придонесуваме кон слобода на движење и подобрување на квалитетот на живот, и ја зголемуваме социјалната инклузија како важен сегмент и принцип, начело на кое мора да работат сите институции во државата како и општините. Претседателот на  „Мобилност Македонија“, Бранимир Јовановски, истакна дека е искрено убеден дека сите колеги кои ги добија помагалата се чувствуваат радосни и помоќни бидејќи ќе можат самостојно да ги уживаат своите потреби и да станат еднакви со останатата популација. - Овие електромоторни додатоци, кои се монтираат на обична инвалидска количка им служат за да можат да поминат повеќе километри без трошење на сопствена сила, додека, електромоторните колички им овозможуваат на лицата кои не можат со сопствена сила да ги туркаат количките, независно и самостојно да се движат, појасни тој. Јовановски информираше дека овие електромоторни додатоци ги нема на списокот на ортопедски помагала на Фондот за здравствено осигурување, иако некои држави во Европа ги имаат ставено, и посочи дека ќе покренат иницијатива тоа да се случи. Додека, како што кажа, инвалидските колички на електромоторен погон се на списокот на ортопедски помагала кои можат да се подигнат од Фондот, меѓутоа, под одредени услови. - Има еден услов кој е „нон-сенс“ за сите нас. Ние постојано укажуваме тоа да се промени, а тоа е дека правото можат да го остварат само лица кои се на школување или лица во редовен работен однос. Со оглед на тоа дека се работи за лица кои се со најтежок телесен инвалидитет, претходно реков дека не можат да ја туркаат количката со сопствената сила, многу е нормално и очекувано дека тие ја делат судбината со останатата популација во однос на недостиг на работни места, така што добар дел од нив се невработени и сиромашни и не можат да излезат надвор бидејќи не го задоволуваат критериумот кој не е човечки, рече тој. Според нив, треба да им се овозможи на сите лица, согласно нивната дијагноза и критериумите кои се пропишани за остварување на правото, истата да им биде доделена без разлика дали се во работен однос, на школување, или не. На отворениот повик се пријавиле 13 лица кои користат вакво ортопедско помагало. ар/цр

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан