• понеделник, 23 декември 2024

МНР потврди дека тројца македонски државјани загинаа во сообраќајка во Италија

МНР потврди дека тројца македонски државјани загинаа во сообраќајка во Италија
Скопје, 10 април 2023 (МИА) - Министерството за надворешни работи на Северна Македонија информира дека синоќа, во градот Ница Монферато, во италијанската провинција Асти, дел од регионот Пиемонт, се случила тешка сообраќајна несреќа со смртни последици за четворица учесници, од кои за тројца е утврдено дека се работи за државјани на Република Северна Македонија. 
 
-Амбасадата во Рим, како и Генералниот конзулат во Венеција се во директен контакт со надлежните институции на Италија, од каде е добиена усна потврда за починатите наши државјани, како и за нивните податоци. Се работи за З.С. - 33 години од Македонска Каменица, А.К. - 31 година од селото Саса, како и В.И. – 30 години од село Пекљани, Виничко, стои во соопштението на МНР. 
 
Оттаму додаваат дека претставниците на Конзулатот и Амбасадата веќе се во контакт со дел од семејствата на починатите, и ќе бидат на располагање за асистенција во врска со преносот на останките од Италија. 
 
-Иако поради велигденските празници комуникацијата со италијанските служби се одвива забавено, нашите дипломатски претставништва остануваат во комуникација со цел прибирање дополнителни информации за деталите околу сообраќајната несреќа, податоци за починатите, како и во делот на обезбедување писмена потврда за сите детали од несреќата, наведува МНР. 
 
Во соопштението се додава дека на располагање се дежурните телефони на - Генералниот конзулат во Венеција +39 327 935 1698, Амбасадата во Рим +39 351 336 3919, како и СОС телефонот на Министерството за надворешни работи 075 273 732. нд/аа/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан