• сабота, 16 ноември 2024

Многу зборови, малку заложби? Разводнет план за заштеда на гас

Многу зборови, малку заложби? Разводнет план за заштеда на гас

Скопје, 31 јули 2022 (МИА)

Автори: АНСА, дпа, ЕФЕ, МИА, СТА, Танјуг. Објавено на 29 јули.

Супституција, солидарност и заштеда се водечките принципи на итниот план за зачувување на гас на ЕУ. И покрај отпорот на некои земји членки, министрите за енергија се усогласија околу предлог, разводнет со исклучоци.

Во вторникот министрите за енергија на ЕУ официјално го потпишаа планот за заштеда на гас, со Унгарија како единствен противник. Планот предвидува доброволно намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто помеѓу 1 август 2022 и 31 март 2023, како и механизам за вклучување на аларм на ниво на целата унија, преку кој се применуваат задолжителни таргети на заштеда во случај на масовен недостиг на гас. Овој договор претставува сериозно разводнување во однос на првичниот нацрт предлог на Европската Комисија. Планот вклучува изземање од задолжителните мерки, а прагот за воведување на задолжителни таргети на заштеда се зголеми. Може да се побара изземање за оние кои можат да докажат дека нивниот капацитет за извоз или дека нивната инфраструктура се користат за пренасочување на гасот во други земји членки. Може да се издејствува уште еден исклучок за државите кои ги надминуваат прагот за залихи.

Аларм на ниво на ЕУ во случај на ниско ниво во снабдувањето со гас може да се прогласи по предлог на Комисијата кој би добил поддршка од сите 27 земји членки, или ако најмалку пет земји членки го вклучат алармот. Меѓутоа, правниот текст на планот гласи дека само Советот на ЕУ, каде се застапени земјите членки, може да наметне задолжителни таргети на заштеда, а не Комисијата, како што беше првично предложено. Итниот план за гас допрва треба да биде потврден во пишана форма. Чешкото претседателство во вторникот порача дека тоа ќе биде сторено во следните денови.

План по мерка на Германија?

Од Рим до Варшава (98 отсто од искористениот капацитет за залихи), општата перцепција е дека планот е правен по мерка на Германија, која е силно зависна од рускиот гас. Критичарите велат дека Берлин не успеа да го диверзификува своето снабдување со гас и има пониско ниво на искористен капацитет за залихи (65 отсто) во споредба со другите земји на ЕУ. Од Германија се очекува да ја намали својата потрошувачка за повеќе од 10,3 милијарди кубни метри. Германскиот министер за економија, Роберт Хабек, го пофали договорот за гасен план нарекувајќи го силен одговор до „сите кои шират омраза и презир“, и кој е доказ дека наводите за поделба на ЕУ се погрешни.

Европските земји со најголемо производство, Германија и Италија, имаат висока побарувачка за гас. Според првичниот план на Европската комисија, Италија требаше да ја намали својата потрошувачка на гас за 8,3 милијарди кубни метри. За да ја намали својата зависност од рускиот гас, Италија масовно инвестираше во диверзификација на своето снабдување со гас. Рим е во можност да го докаже својот капацитет за извоз како и дека инфраструктурата ја користи за да го пренасочи гасот во други земји членки. Со оглед на тоа дека Италија веќе го исполнува таргетот од 70 отсто залихи, земјата очекува да биде изземена од итниот план за гас, со што ќе и овозможи да ја спушти заштедата од првичните 15 отсто на 7 отсто.

Исклучоци за Иберискиот полуостров

Заедно со Португалија, Полска и други земји членки на ЕУ, Шпанија беше една од земјите кои остро се противеше на првичниот план предложен од Европската Комисија.

-За разлика од други земји, ние Шпанците не живеевме над своите можности во однос на потрошувачката на енергија, изјави шпанската министерка за заштита на животната средина, Тереза Рибера.

И Шпанија и Португалија добија исклучоци од задолжителните мерки за заштеда на гас како дел од мерките за изземање на земји членки со ограничена копнена поврзаност со остатокот од Унијата. Шпанија има добро етаблирана национална структура на природен течен гас која и овозможува да префрла гас во други земји. Шпанија го поздрави компромисот и рече дека ќе ја намали својата потрошувачка за 7 до 8 отсто во случај на итна состојба, но ќе го стори тоа на доброволна база, а не по наредба на Брисел.

Исклучоци за балтичките земји

Ирска, Малта и Кипар ќе бидат целосно изземени бидејќи не се поврзани со европската мрежа. Иако го доведоа целосно во прашање своето учество во напорот за намалување, дури и со минимални проценти, првите две потврдија дека сепак ќе направат сѐ што е во нивна моќ да го постигнат таргетот.

Друг исклучок се применува на балтичките земји, кои сѐ уште се поврзани за руската електрична мрежа. Доколку Москва ја исклучи за Естонија, Литванија и Латвија, трите земји ќе мораат да користат гас за да го стабилизираат своето електрично снабдување и нема да можат да си дозволат заштеда на потрошувачката.

Словенија и Европската комисија со пофалби за солидарноста и покрај исклучоците

Според словенечкиот министер за инфраструктура, Бојан Кумер, земјите членки на ЕУ покажале јасна заложба да сторат повеќе на доброволна база и да изразат солидарност. Словенија е добро поврзана со своите соседи и со оглед на тоа што е мала има многу ниска потрошувачка на гас. Меѓутоа, од голема важност за Словенија е ова да не доведе до тоа државната економија да биде помалку посветена на намалувањето на потрошувачката на гас.

Ризикот со толку многу исклучоци да се спречи ЕУ да заштеди доволно гас не оддалечува од планот, тврди ЕУ комесарката за енергија, Кадри Симсон.

-ЕУ солидарноста функционира најдобро кога признаваме дека условите на земјите членки се многу разновидни, рече Кадри Симсон, минимизирајќи ја загриженоста.

Иницијативата Отворен Балкан

Енергетската криза не го поштеди Западниот Балкан. За да се спречат идни проблеми, земјите преземаат заеднички мерки во рамките на иницијативата Отворен Балкан, платформа за соработка помеѓу Албанија, Северна Македонија и Србија.

Србија најави дека почна со изградба на интерконектор за гас со Северна Македонија, а српската министерка за енергија, Зорана Михајловиќ, изрази волја да го стори истото со Албанија каде во тек е изградба на терминал за природен течен гас. Србија вели дека сака да стане земја на транзит за регионот, со цел изградба на конекции со Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Романија.

Овој напис е објавен во петок. Содржината се базира на вестите објавени од агенциите кои учествуваат во Европската Редакција (ЕНР).

Остани поврзан