• недела, 22 декември 2024

Мицкоски: Добрососедските односи се двонасочна улица, ќе водиме принципиелна политика со аргументи и факти

Мицкоски: Добрососедските односи се двонасочна улица, ќе водиме принципиелна политика со аргументи и факти

Скопје, 22 мај 2024 (МИА) – Ќе водиме принципиелна политика кон соседите, која ќе се темели на аргументи и на факти. Подготвени сме да работиме заедно со нашите соседи. Очекуваме од нив да го почитуваат и нашиот став, бидејќи добрососедските односи се двонасочна улица, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за „Ора 24“, потенцирајќи дека новата власт нема да води политики на себе омаловажувања, ниту пак беспотребно ќе иритира.

- Што се однесува до соседите ќе водиме една принципиелна политика, којашто ќе се темели на аргументи, на факти. Подготвени сме да аргументираме наши позиции. Подготвени сме да работиме заедно со нашите соседи, да градиме мостови. Ги повикувам нашите соседи на една заедничка работа, на една братска работа затоа што соседот е тој којшто е од Бога даден и ние мора да работиме заедно, не смееме да ги рушиме мостовите. Очекуваме од нашите соседи да го почитуваат и нашиот став бидејќи добрососедските односи се двонасочна улица, истакна Мицкоски.

Тој посочи дека од новата власт нема да ги гледаат политиките коишто досега ги гледаа, тоа, како што рече, беа политики на себе омаловажувања, на понизност, на коленичење, а од друга страна, уништување и ограбување на сопствената држава.

- Ниту пак ќе гледаат политика на беспотребно иритирање, беспотребна агресија, преименување на автопатишта, аеродроми, споменици и така натаму, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој им порача на граѓаните дека треба да се чувствуваат слободни, комотни, да уживаат во животот, да работат, да се опуштат оти, како што рече, доаѓа надеж, доаѓаат подобри времиња за сите нас.

- Ќе гледаат една принципиелна политика, ќе ги штитиме интересите на граѓаните, ќе работиме на реформи, борба против криминалот и корупцијата и економски просперитет. Тоа што го сакаат сите граѓани во нашата татковина е токму тоа – економски просперитет, подобра економија и подобар живот.

Во врска со обвинувањата на Али Ахмети дека се прават „политички договори во црвени подруми“, со цел да им се одземат пратенички мандати на ДУИ, Мицкоски му одговори на лидерот на интегративците дека не постојат подруми, се е транспарентно, природната опција за ВМРО-ДПМНЕ е да коалицира со албанската опозиција

- Мојата порака е дека не постојат подруми, се е транспарентно, се е јасно. Јас зборував уште од многу одамна дека природната опција за ВМРО-ДПМНЕ е да коалицира со албанската опозиција во Македонија. Така беше и на локалните избори. Тие водеа кампања против мене. И во Тетово и во Гостивар немаат градоначалници. Загубија на овие парламентарни избори. Нема потреба да верува во вакви заговори. Многу е јасна ситуацијата, многу е едноставна, треба да се помири со поразот, треба да замине во опозиција. Мој совет е да се ослободи од некои луѓе со кој тој е опкружен, треба повеќе да се фокусира на реалните работи и потоа едно ново ДУИ со нови луѓе и освежена кадровска и програмска платформа може да дојде да седнеме да разговараме, да видиме како ќе биде во иднина, дециден е Мицкоски. ир/са/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан