• петок, 22 ноември 2024

Мицкоски: Четвртиот пакет мерки на Владата повторно ќе биде неуспешен обид да им се помогне на граѓаните и на стопанството

Мицкоски: Четвртиот пакет мерки на Владата повторно ќе биде неуспешен обид да им се помогне на граѓаните и на стопанството
Скопје, 29 септември 2020 (МИА) – Претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во емисијата „Топ Тема“ на „Телма“ посочи дека владата на Зоран Заев не им помогнала на граѓаните со милијарда евра, како што вели, туку таа помош е многу помала. Според Мицкоски, сето она што беше соопштено на прес-конференција од страна на Зоран Заев мора да биде испорачано, затоа што, потенцира, испораката е многу важна. Ние можеме да си кажуваме многу работи, подвлече тој, но доколку испораката изостане, тогаш попусто било тоа што сме го говореле. - Вчера слушавме дека практично една милијарда евра е помошта, но тоа е она само што е кажано, а помошта во суштина на дело е многу помала, рече Мицкоски. Тој посочи дека итно треба да се реализираат капиталните инвестиции и да се намалат непродуктивните трошоци. Прашан како го коментира задоволството на Сојузот на стопански комори и синдикатите за четвртиот пакет мерки на Владата, Мицкоски рече дека сè уште е рано да се говори, треба да се почека да се реализираат ветените работи и оти сè уште не се доставени законски решенија за владиниот сет-мерки. - Од ова што го предложија како четврт пакет мерки можам да заклучам дека повторно ќе имаат неуспешен обид да се помогне на граѓаните и на стопанството и убеден сум дека ВМРО-ДПМНЕ пратеничката група што е патем речено и најголема во Парламентот ќе достави сериозно поинаков пристап на трошење на тие пари и ќе биде во полза на граѓаните и на стопанството, но во онаа форма во каква што треба да биде, истакна Мицкоски. Потсети дека, според него, третиот квартал, економијата, стопанството и граѓаните биле буквално оставени сами на себе. - Прогласувавме вонредни состојби во државата поради две причини. Првата причина беше да се справиме со КОВИД пандемијата. Не само што не се справивме, прогласувавме вонредна состојба на 30 заболени и нула починати, денеска т.е. имаме континуирана трицифрена бројка заболени и би рекол алармантна бројка на луѓе кои се починати. Потоа прогласивме вонредна состојба за да се справиме со последиците од пандемијата во економијата. Гледаме дека во негативна насока оди нивелирањето на БДП, имаме рекорден пад на БДП во вториот квартал, имаме рекорден пад на индустриското производство, десетици илјади луѓе ги губат работните места, не би се сложил дека ова сега што го прави Владата е навистина успешно, вели Мицоски. Тој смета дека Владата доживува дебакл во справувањето со пандемијата. Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе предложи законски решенија што ќе бидат во корист на граѓаните и навистина ќе им помогнат да ја пребродат економската криза во периодот што следува. ир/цр/    

Остани поврзан