• петок, 22 ноември 2024

Мицкоски по повод Денот на албанската азбука: Јазичното и културното богатство на Албанците - нераскинлив дел од македонскиот мозаик

Мицкоски по повод Денот на албанската азбука: Јазичното и културното богатство на Албанците - нераскинлив дел од македонскиот мозаик
Скопје, 22 ноември 2022 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во свое и во име на партијата, на припадниците на албанската заедница им го честита  22-ри Ноември - Денот на албанската азбука.

- Македонија е земја за пример во која се уважуваат и почитуваат јазичните и културните особености на сите нејзини граѓани. Оттука јазичното и културно богатство на Албанците во Македонија е нераскинлив дел од македонскиот мозаик, кој е пример за заедништво, заемна почит и разбирање граден низ вековите, вели во честитката Мицкоски.

Тој посочува дека Албанците во нашата држава знаат дека Македонците и сите останати кои живеат во државата се нивните најблиски со кои можеле и можат да ги споделат сите предизвици и тешкотии.

- Заедно ја делиме судбината и заедно мораме да ја градиме иднината. Затоа не треба да бидат жртви на политичките игри на власта, кои преку раздорот и недоразбирањата сакаат да градат лични богатства на сметка на грбот на се посиромашните граѓани. Во овие тешки години на економски колапс, неуспеси, трагедии и погазено достоинство на секое семејство во Македонија, без разлика дали тоа се Албанци, Македонци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци или останати, мораме да стоиме заедно сплотени и да градиме заеднички патриотизам, како основа на подобро заедничко утре, истакнува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој повикува заедно да се спротивставиме на поделбите кои носат, како што вели, поголемо иселување, поголема сиромаштија, поголема апатија и бесперспективност.

- Додека нечии приватни банкарски сметки растат, Македонија ја имаме се помалку. Додека нечии имоти се зголемуваат се намалуваат жителите и на Тетово и на Струмица, и на Чегране и на Зрновци, и на Кичево и на Куманово. Да застанеме заедно против оние кои ни ја крадат иднината и заедно да создадеме патриотизам во кој најдобрите ќе работат за перспективата наша и на нашите идни поколенија, се вели во честитката на Мицкоски. ир/сп/

Остани поврзан