• понеделник, 23 декември 2024

Мицкоски: Народот е тој што кажува дали се поминати црвените линии, ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе продолжи да го штити македонскиот идентитет

Мицкоски: Народот е тој што кажува дали се поминати црвените линии, ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе продолжи да го штити македонскиот идентитет

Скопје, 27 јули 2022 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при посетата во Гевгелија, во одговор на новинарско прашање во врска со неодамнешната изјава на Оливер Вархеји кој рече дека со делувањето на опозицијата ги преминала црвените линии, истакна оти ВМРО-ДПМНЕ мора да ги држи своите позиции бидејќи „е партија од народот и мора да ги штити неговите интереси“.

- Македонскиот народ е жестоко нападнат од асимилаторските потреби од страна на нашиот источен сосед, односно да бидам попрецизен – од една земја членка на Европската Унија, а тоа е соседна Бугарија. Ние сме партија за македонско национално единство и не смееме да избегаме од тоа. Тоа што јас го гледам на отворена сцена овие денови е обидот на власта, но и на нејзините инсталации во опозицијата да го нападне ВМРО-ДПМНЕ и јас морам да ја искористам оваа прилика да упатам една порака дека тоа се јалови напади кои нема да имаат успех бидејќи позади ВМРО-ДПМНЕ е народот, кој препозна чесна борба во ВМРО-ДПМНЕ. Јас ги препознав тие инсталации, ги препозна и народот и затоа тие инсталации се поразени и повторно ќе бидат поразени. Истите тие сега сакаат да фатат приклучок со ВМРО-ДПМНЕ вршејќи ваков притисок, уценувајќи, мислејќи дека утре кога ќе има ВМРО-ДПМНЕ владино мнозинство, повторно тие ќе уживаат некакви привилегии и бенефити на грбот на народот. Ова е ново ВМРО-ДПМНЕ, реформирано, реструктуирано и  политиката на ВМРО-ДПМНЕ нема да биде заложник на овие инсталации или јас како што ги нарекувам – полусвет, сѐ додека сум јас претседател, изјави Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ, нагласи тој, или ќе биде партија ќе има три основни карактерни особини: чест, работа и напредок, или ќе биде партија која ќе се враќа во минатото каде ќе има сомнежи за сторен криминал, сомнежи со кои, како што истакна, ВМРО-ДПМНЕ ќе го враќаат назад.

-И тоа сѐ ќе биде поради овие инсталации и тој полусвет кој што сака да креира политики во ВМРО-ДПМНЕ. Не! ВМРО-ДПМНЕ е современа, европска партија која е ориентирана кон народот, кој гласачите и гласачите кои кажуваат дали некој треба да се отрезни или некој сѐ уште е пијан. Гласачите и народот се тие кои кажуваат дали се поминати црвените линии или не се поминати црвените линии. Овој пат да, морам да признаам дека во нешто се сложувам со господинот Вархеи, иако го разбирам, неговата цел не е да сочувствува со нас, неговата цел е да си ги заврши работите, а наша цел е да ги одбраниме од асимилација тие работи, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Затоа, нагласи тој, сакам да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи и понатаму да го штити македонскиот идентитет бидејќи единствената црвена линија која е помината е линијата на достоинството.

-И нема цена, понатаму веќе нема цена, нема веќе политика, нема веќе политчка кариера, сега е моментот кога треба да се биде или не. Таа е состојбата или македонскиот народ ќе опстои и ќе трае со векови и ќе го поврати изгубеното или после овие обиди ќе биде трајно асимилиран. Тоа е битката на ВМРО-ДПМНЕ и тоа е задачата на ова реформирано, реструктуирано и ново ВМРО-ДПМНЕ кое е подготвено да се соочи со реалните проблеми наспроти овие криминалци во владата, рече Мицкоски.

На новинарско прашање за коментар за информациите оти по 25 години професионална служба во безбедносниот систем на државата Наќе Чулев бил избркан од работа Мицкоски истакна дека тие како партија „се навикнати четири и пол години, колку што е тој претседател, вакви работи да се случуваат“.

-Тие се пресметуваат со мене, индиректно се пресметуваат на ваков начин брутален, со луѓето кои што соработуваат со мене и со луѓето кои што се дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е нешто ново, бидејќи сите знаете дека станува збор за врвен професионалец кој што 25 години работи во безбедносниот систем, извршувал врвни функции, врвни државни функции, сега е избркан од страна на овој, според некој бирократи во Брисел, проевропски режим, но, според меродавните ранг листи, хибриден режим кој што не може да се соочи со неистомисленици и посегнува вака брутално по нивното лично и човечко достоинство, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање во Гевгелија каде што присуствуваше на пуштање во употреба на спортско игралиште во рамките на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот“.

Мицкоски истакна дека Наќе Чулев ја има неговата целосна поддршка и дека е исклучително важна алка во партијата, кој од сега ќе биде уште по посветен во структурата на ВМРО-ДПМНЕ. сст/ац/

Остани поврзан