• четврток, 19 декември 2024

Мицкоски за обвинувањата на вишите обвинители: Државниот обвинител да ја каже вистината, има многу работи за кои ЈО треба да даде одговор

Мицкоски за обвинувањата на вишите обвинители: Државниот обвинител да ја каже вистината, има многу работи за кои ЈО треба да даде одговор

Скопје, 18 октомври 2024 (МИА) - Шокантно е тоа што успеав да го прочитам и ако е навистина така, мислам дека државниот јавен обвинител треба да излезе пред јавноста и да ја објасни вистината, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со обвинувањата на обвинителите од вишото Јавно обвинителство дека државниот обвинител Љупчо Коцевски им вршел притисок во еден судски предмет.

Според премиерот, има многу работи за кои ЈО треба да даде одговор.

-Морам да кажам дека е шокантно тоа што успеав да го прочитам. И ако е тоа навистина така, мислам дека и државниот јавен обвинител треба да излезе и да објасни во јавноста што е вистината и мислам дека ако е ова точно и ако се потврди како точно, бидејќи се сеќавате ние уште писмото на Катица Јанева од затвор не сме го виделе. Се сеќавате, тоа писмо што од затвор го пишуваше Катица Јанева овозможи овие процеси што беа дел од поранешното СЈО кое, знаете, се распадна поради една чанта од марката Луј Витон полна со странски валути, продолжија да функционираат и ние како политичка партија сме се уште жртва на системот. Имаме блокиран имот, често пати блокирана сметка,... иако е јасна пресудата од вториот степен, односно од апелација, што треба да се направи. Така што, има многу работи за кои треба да се даде објаснување. Исто така, треба да се даде објаснување и од оние материјали што беа констатирани за снимање  разговори на обвинители, судии, па тогашниот министер за внатрешни работи нешто друго зборуваше,.... Има многу работи за кои ЈО треба да даде одговор, истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по поставувањето камен-темелник на ново училиште во Ченто.

Премиерот е дециден дека се потребни реформи и во Обвинителствто и во судството, зашто довербата на граѓаните, како што истакна, е под два отсто.

-Многу пати досега во јавните настапи сум кажал дека се потребни реформи и во обвинителството и во судството од проста причина што довербата кај граѓаните е многу мала, е под 2 процента.  И логично е ако имате таква мала доверба да најдете начин да направите некаква реформа. Долго време чекав да пристигнат предлози, за жал не пристигна ниту еден предлог, така што во овој момент ни преостанува само тоа да си ја напишеме самите домашната задача и да може таа доверба барем да биде со двоцифрен број проценти за да можете вие граѓаните да чувствувате сигурност кога ќе имате некаков судски процес дека ќе ја добиете правдата, рече Мицкоски.

На прашањето за новиот директор на АНБ, Бојан Христовски, Мицкоски уште еднаш кажа дека апсолутно верува во неговите професионални капацитети.  

-Му посакувам многу среќа и успешна работа на Христовски во делот на обезбедување на безбедноста на Македонија како држава и на вас граѓаните за да можете слободно да се движите и да можете да функционирате. Тој преку фер судска постапка во минатото покажа и докажа дека е жртва на политички мобинг и прогон од претходната разбојничка влада на СДСМ и ДУИ и дека го заслужува местото каде што е назначен, подвлече Мицкоски.

Премиерот останува на ставот за спојување на АНБ со Агенцијата за разузнавање „зашто тоа е реформа што на најголемиот дел од сојузниците во НАТО ја имаат направено“. Тој потврдидека за ова е во комуникација со претседателката Сиљановска-Давкова, бидејќи Агенцијата е во нејзина надлежност.

-Ние сме го разговарале ова и апсолутно ова е резултат на потреба како реформа, не зашто некој има сега лична фрустрација па ќе спојува агенции. Така е направено во најголемиот дел од нашите сојузници во НАТО Алијансата, рече Мицкоски. мч/нд/

Фото/видео: МИА

 

Остани поврзан