Мицкоски: Длабоката држава постои на сите нивоа, тоа мора да заврши!
- Мицкоски зборуваше на темата за судството во земјата при што посочи дека време е да се изгради држава на правда, слобода и грижа за секого, затоа што слободата не е само дел од Уставот туку начин на живот. Тој кажа дека системот кој СДСМ го создаде, со вградени кочници во институциите, го кочат напредокот. „На сите нивоа постојат елементи на една длабока држава, мрежи што се шират низ партии, институции, па дури и низ различни етнички заедници. Тоа мора да заврши“, порача Мицкоски.
Скопје, 9 октомври 2025 (МИА) - Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, имаше свое обраќање на денешниот народен митинг одржан во општина Илинден, во рамки на изборната кампања 2025 година, за претстојните локални избори, чиј слоган е „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина!“.
Мицкоски зборуваше на темата за судството во земјата при што посочи дека време е да се изгради држава на правда, слобода и грижа за секого, затоа што слободата не е само дел од Уставот туку начин на живот. Тој кажа дека системот кој СДСМ го создаде, со вградени кочници во институциите, го кочат напредокот.
- Моментот што го чекале генерации е пред нас и затоа велиме дека сега е времето за ресет на системот. Време е да ги скршиме ланците на неправдата и конечно да изградиме држава на правда, слобода и држава којашто ќе се грижи за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судии кои судат според закон, а не според партиски влијанија, институции кои штитат, а не молчат, процедури кои враќаат доверба, а не создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин, брза, достапна и ефикасна, вели Мицкоски.

Тој истакна дека СДСМ ја претвори државата во партиски бизнис и систем кој ги гуши институциите, систем на двојни аршини, а додаде и дека истото мора да заврши.
- Слободата не е само збор во Уставот, туку начин на живот, слобода на мислење, слобода на говор, слобода од страв и притисок. СДСМ ја претвори државата во свој приватен имот, партиски, бизнис и мафијашки систем кој ги гуши институциите, ја кочи правдата и го понижува народот, рече Мицкоски и додаде:
„Систем на двојни аршини, политички прогон и тендери во мрак. Не можеме да го чекаме утрото додека ситни и големи кочници ја задушуваат државата, кочници вградени во институциите, кои делуваат тајно или откриено и го кочат напредокот на секое едно семејство. На сите нивоа постојат елементи на една длабока држава, мрежи што се шират низ партии, институции, па дури и низ различни етнички заедници. Тоа мора да заврши“.

Мицкоски кажа дека ресетот на системот нема да е политички, туку институционален, и мора да има правда и одговорност.
- Овој ресет нема да биде само политички. Тој ќе биде морален, институционален и народен. Ќе има правда и таа ќе биде брза. Ќе има одговорност и таа ќе биде вистинска одговорност. Овој ресет ќе биде праведен, но безмилосен кон оние што го злоупотребувале народот. Ќе ја вратиме одговорноста, достоинството и она што ни е важно е да имаме систем на којшто сите ние гордо ќе му служиме. Затоа драги браќа и сестри, на овие избори не бирате само градоначалник туку и давате енергија за големи промени по изборите, заклучи Мицкоски. ир/ев/
Фото: ВМРО-ДПМНЕ