Мицкоски: Убедлива победа и ден кога почнуваат промените за подобра Македонија
- Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва на прес-конференција порача дека партијата извојувала голема победа и оти денешниот е денот кога почнуваат промените за подобра Македонија.
Скопје, 31 октомври 2021 (МИА) - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва на прес-конференција порача дека партијата извојувала голема победа и оти денешниот ден е денот кога почнуваат промените за подобра Македонија.
Тој се заблагодари на поддршката од сите опозициски партии и додаде дека со соработката покажале оти е возможен еден широк опозициски фронт со кој се воспоставуваат основи за идна соработка и идна владина коалиција врз база на принципи и вредности на спојување и меѓусебна почит и разбирање. Од лидерот на СДСМ побара да ја прими пораката од народот и да замине. Власта, рече Мицкоски, треба да замине и тоа треба да се случи на предвремени избори.
- Македонијо, од вечерва почнуваш да го живееш нашиот голем сон за нова иднина, надеж за секој еден човек. Многумина се сомневаа дека успехот е можен, но надежта победи. Македонија мора да се менува, а промените започнаа од вечерва. Надежта ја победи апатијата и нејзината сила ќе расте, сите заедно со нова иднина заеднички и сложно да го оствариме сонот за кој цели 30 години сонуваме, а никако да го постигнеме. Кажете им на нашите браќа и сестри од сите краеви на Македонија, од Тетово до Битола и Охрид и Кочани, од Скопје до Гевгелија. Ова е денот од кога почнуваат промените. Промени кон подобро, промени на имиџот на државата, промени за заштита на интересите на секој еден човек. Промени за обединување, за подобар живот, за силен стандард. Промени кои ќе ја донесат иднината за која се бориме. Ова е убедлива победа. Ова е победа на народот на Македонија, рече Мицкоски.
Тој им се заблагодари на коалициските партнери, но и на политичките партии што ги поддржаа како Алтернатива, Алијанса на Албанците, Левица...
- Докажавме дека опозицискиот фронт е возможен и поставивме основи за идна соработка и идна владина коалиција врз база на принципи и вредности на спојување и меѓусебна почит и разбирање. Покажавме дека и покрај разликите, сепак можеме да се обединиме околу заедничка цел. Македонија без корупција која ќе се развива и оди напред, Македонија во која ќе се бориме да биде интегрирана во ЕУ, на стабилен систем каков што немаме. Тоа докажува дека еден опозициски блок е речиси сосема извесен. Истиот тој ќе донесе огромна победа на следните парламентарни избори кои многу е веројатно дека ќе бидат предвремени, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата побара ни за секунда да го разочараат народот.
- Заборавете на привилегиите кои ги носи функцијата, засукајте ги ракавите и од утре на работа. Вашите фотелји заменете ги со терен и работа со граѓаните. Носење решенија на нивните проблеми. Заборавете на матни тендери, договори во четири очи што се одлика на власта во заминување. Не заборавајте од каде доаѓаме и од каде сме сите ние и од каде почнавме. Јас ќе бидам најверната сенка во работата и ваш пријател, но и најостриот критичар доколку не успеете. Овој народ заслужил и мора да види разлика и резултати, а народот мора да знае дека за секој мој збор кажан во кампањата ќе стојам до последната запирка, рече Мицкоски.
Тој изјави дека времето ќе покаже како ќе се одвиваат работите во врска со евентуално ново парламентарно мнозинство, нагласи дека е најдобро власта да си замине на предвремени избори.
- Сакам да го замолам да размисли добро што ќе бидат идните чекори да се надмине себе си и да го направи најдоброто за Македонија. Да ја разбере порака, а тоа е дека е доста и треба да замине, му порача Мицкоски на Заев.
Ние, рече тој, имаме мнозинство гласови на народот, а за да има предвремени парламентарни избори треба да има и мнозинство во Парламентот.
- Затоа реков трпение. Не треба да го разочаруваме народот, кој е изморен од разочарувања. Дозволете времето да одговори на многу дилеми. Една од нив е кога ќе се случат предвремените иабори. Затоа апелирам до политичките партии да бидат разумни да не го разочаруваат народот и да ја почитуваат волјата на народот, кој на овие локални избори иако се соочи со многу злоупотреби, излезе и застана на патот на тие злоупотреби и уште еднаш покажа и докажа дека против народот никој не може. Ние го имаме мнозинството на народот, рече Мицкоски. сст/мс/