• недела, 22 декември 2024

Министрите на ЕУ ќе разговараат за плановите за заштита на луѓето кои бегаат од војната во Украина

Министрите на ЕУ ќе разговараат за плановите за заштита на луѓето кои бегаат од војната во Украина

Луксембург, 13 јуни 2024 (МИА) - Европските министри за правда и за внатрешни работи ќе ги разгледаат плановите за продолжување до март 2026 година на вонредните правила за давање заштита на луѓето кои бегаат од војната во Украина, јави ДПА.

Плановите се разгледуваат на дводневна средба што почнува денеска во Луксембург.

Украинците кои побегнаа во ЕУ по целосната инвазија на Украина од Русија во 2022 година, добија непосредна заштита откако земјите-членки на ЕУ создадоа привремен режим во случај на голем прилив на луѓе.

Овој предлог има за цел да ги надмине долгите национални процедури за азил потребни за обработка на документите на голем број раселени лица. Можно е привремените правила да се продолжат до една година.

Лицата кои подлежат на привремена заштита имаат право на социјална помош, домување, пристап до образование и издавање работна дозвола. Постојниот режим требаше да заврши во март 2025 година.

Европската комисија во вторникoт го објави планираното продолжување на режимот. Комисијата извести дека во моментов, според овие правила, на територијата на ЕУ живеат речиси 4,2 милиони Украинци, а најголем број од нив се во Германија - 1,2 милиони луѓе.

Министрите за правда и внатрешни работи од европскиот блок ќе ја разгледаат и стратегијата на Комисијата за воведување нови правила за справување со миграцијата и азилот во ЕУ. Стратегијата има за цел да им помогне на земјите од блокот да го воведат правниот систем до средината на 2026 година.

Значаен дел од планот на ЕК е европскиот компјутерски систем Еуродак за споредба, складирање и обработка на податоци за барателите на азил, со цел да се подобри следењето на барателите меѓу земјите на ЕУ. паг/
 

Фото: МИА архива

 
 
 

 

 

Остани поврзан