• недела, 22 декември 2024

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов во посета на Крушево и Кривогаштани

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов во посета на Крушево и Кривогаштани

Прилеп, 22 февруари 2024 (МИА) - Проектите финансирани преку Програмата за рамномерен регионален развој, како и предизвиците со коишто се соочуваат општините Крушево и Кривогаштани беа теми за разговор на денешните средби на министерот за локална самоуправа Ристо Пенов со градоначалниците на Крушево Томе Христоски и на Кривогаштани Николче Мискоски.

На средбата со крушевскиот градоначалник, се разговараше за развојните потенцијали на општината и поддршката од Министерството за локална самоуправа и од Бирото за регионален развој во решавањето на, пред сè, комуналните и инфраструктурни прашања со кои се подобрува квалитетот на живеење, а се зголемуваат и можностите за развој на туризмот.

Инаку, за две години во општина Крушево се финансирани три проекти само од оваа буџетска програма преку кои се направи реконструкција на дел од локалната патна инфраструктура, како и на водоводната инфраструктура во с. Јакреново.

На средбата со кривогаштанскиот градоначалник Мискоски, беше истакната потребата од финансиска поддршка на проекти за реконструкција на локални улици. Преку Програмата за рамномерен регионален развој во претходните две години се реализирани три проекти, за управување со отпадот, за подобрување на комуналната инфраструктура и за доградба на улици и изградба на атмосферска канализација.

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов рече дека Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој прават напори преку Програмата за рамномерен регионален развој финансиски да ги поддржат сите зрели проекти во општините.

- Само во 2023 година финансиравме 135 проекти за развој на планските региони, на селата и на специфичните подрачја. Тоа се навидум мали проекти, но имаат големо влијание на условите на живеење во локалните средини, истакна Пенов.

Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој со поддршка на донаторската заедница имаат обезбедено фонд за подготовка на техничка документација за општински проекти преку кој помалите општини може да подготват технички зрели проекти коишто ќе бидат конкурентни во процесот на селекција и обезбедување на извори за нивно финансирање.

- Преку овој фонд веќе се подготвени 70 проекти, од кои повеќето веќе се имплементираат, рече Пенов. ем/ир

 

Фото: МИА

Остани поврзан