• понеделник, 23 декември 2024

Милошоски: Пратениците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да го сменат ставот за уставните измени

Милошоски: Пратениците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да го сменат ставот за уставните измени

Скопје, 25 август 2023 (МИА) - Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милишоски вечерва изјави дека на средбата со заменик - помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, било посочено дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржат уставни измени под диктат на официјална Софија.

-Актуелната влада посакуваше притисоци, но напротив, станува збор за една пријателска средба во која се разменети многу аргументи. За некои работи се согласуваме, за некои имаме различни мислења со господинот Ескобар, но во суштина целта е иста и заедничка - Македонија да напредува, изјави Милошоски за „Тема на денот“ во дневникот на телевизија „Сител“.

Милошоски истакна дека на средбата со Ескобар било одговорено дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја изразиле својата волја на 18 август односно на пленарната седница и дека тие нема да го променат ставот.

- Немало средба со поединечни пратеници, но ние не би имале проблем доколку во некоја прилика  има средба со цела пратеничка група како што беше случај со министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка. Како пратеници имаме многу повеќе аргументи, што да кажеме, а тоа е дека власта со ова прашање за бугарските барања за смена на Уставот покрива многу други реални проблеми, рече Милошоски.

Според него, со уставните измени, власта ја покрива корупцијата, незадоволството на пензионерите, немањето учебници во образованието, проблемите во здравството, земјоделството и затоа се потребни избори. Вели дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која на следните избори ќе има мнозинство и мандат да ја формира владата.

-Имаме желба да соработуваме со опозиционите партии, затоа што смена на власта значи смена на целата власт, не само на еден дел. Но, исто така ќе побараме од сите политички партии и пратеници согласно Уставот да си потпишат изјава и да дадат заклетва дека го почитуваат Уставот на Македонија и нејзиниот територијален интегритет, рече Милошоски, додавајќи дека бројката што ќе ја добие ВМРО-ДПМНЕ на изборите ќе биде доволно убедлива за сите коалициони партнери да се фокусираат на програмата. ев/бак/

ФОТО: ВМРО-ДПМНЕ 

Остани поврзан