• недела, 22 декември 2024
МИА Флеш

19 февруари 2024 

-Техничкиот премиер Талат Џафери денеска изјави дека „законите се донесени и приказната е затворена“, одговарајќи на новинарско прашање во однос на препораката на Советот на Европа за отповикување на Законот за амнестија од 2011 и процесирање на четири Хашки случаи. -Веќе дадов одговор за тоа дека е завршена работа во контекст на она што е законодавство и состојбата во државата. Завршена е таа приказна, законите се донесени, изјави кратко Џафери одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Студентскиот дом во Тетово, придружуван од министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Партијата Демократски сојуз до Уставниот суд во петокот поднесе иницијативата за отстранување на правните пречки со што ќе може да продолжи постапката по четирите Хашки случаи - „Водство на ОНА“, „Липковско Езеро“, „Гробницата Непроштено“, и „Мавровски работници“. Со иницијатива на лидерот на ДС, Павле Трајанов, се бара поништување на Автентичното толкување на член 1 од Законот за амнестија, со кое се запре постапката за четирите Хашки случаи. 

-Една од најдобрите работи која произлезе од покренувањето на иницијативатa за Законот за рестриктивни мерки е што ќе се види колку навистина оние кои се за борба против корупцијата и организираниот криминал се искрени во тоа, а колку е тоа само флоскула. И ова ги извади на површина сите оние кои што се спремни и по цена на своето достоинство да ги бранат повеќе криминалците, отколку јавниот интерес и интересот на сите граѓани, вели вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска осврнувајќи се на предлог измените на Законот за рестриктивни мерки. Грковска, во денешното интервју за Слободен печат, нагласи дека наспроти шпекулациите во јавноста, оваа иницијатива не е поврзана со конкретни имиња, туку таа се покрена поради, како што рече, чудната леснотија на неодговорност и игнорирање од страна на нашите обвинителски и судски органи, иако изречените санкции се базираат на докази, кои се обезбедени од страна и на нашите институции. 

-Врсничкото насилство не е одговорност само на Министерството за образование и наука, туку  сите институции треба да се вклучат во превенција на оваа појава, изјави министерот Јетон Шаќири и апелираше до сите институции да се посветат на овој проблем согласно нивните надлежности и до родителите да соработуваат за да има што помалку случаи на булинг. -Откако го отворивме мејлот, многу случаи од таква проблематика се решени со добра комуникација  помеѓу родителите, директорите, претставниците на институциите. Во одредени ситуации не е одговорност само на Министерството за образование и наука, без разлика на моментите кога се случува,  туку сите институции треба да се вклучиме во оваа проблематика, изјави Шаќири откако денеска заедно со техничкиот премиер Талат Џафери го посети новоизградениот Студентски дом во Тетово. Порача Бирото за образование и наука да продолжи со обуки на наставниците на таа тема, општините, како што рече, да бидат повнимателни во менаџирањето на училиштата, а стручните служби во училиштата повнимателно и попосветено да работат на оваа проблематика.

-Ако малите свињарски фарми не ги сфатат сериозно препораките за преземање на соодветните мерки против африканска чума, земјава може да остане без свинско месо, предупредија денеска учесниците на обуката „Мисија за одржлива техничка помош (STM) за африканска свинска чума во Северна Македонија” што ја организира Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Како што беше истакнато, месечно се јавуваат по еден до два нови случаја на болеста во земјава и тоа токму кај нерегистрираните, мали семејни фарми кои не обрнуваат големо внимание на биосигурносните мерки. Од првиот случај во 2022 година до денес, кај нас се регистрирани 62 жаришта, а депопулација е извршена на преку 14 000 свињи.

-Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Потоа до крајот на работната седмица времето ќе биде претежно сончево и релативно топло, соопшти УХМР. Минималната утриснка температура ќе се спушти до минус пет, а макисмалната днева ќе достиге 18 степени. За време на викендот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд и ќе дува умерен до засилен јужен ветер. 

-По налог на албанското Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, меѓу другите досега запленети имоти, станови, хотели, вили, автомобили, банкарски сметки, стекнати од криминални активности, се најде и еден од најубавите комплекси во северниот албански град Скадар. На барање СПАК, со судска одлука е одземена трикатницата со вкупна површина од 900 квадратни метри, кој вклучува бар-ресторан-хотел. -Како што може да се види од сликите на интернет, трикатната зграда наречена „Езерскиот принц“ е изградена на врвот на карпа на брегот на Скадарско Езеро. Со прекрасен поглед на целата околина „Езерскот принц“ сопственост на Гезим Цафи, сега и припаѓа на државата, објавија медиумите.Цафи пред неколку години бил предмет на акцијата „Сила на законот“ која започна низ цела Албанија, каде од експонентите на подземјето се бараше да го оправдаат своето богатство. Браќата Гезим и Бледар Цафи се познати како моќни и влијателни луѓе во Скадар, осудувани дома и во странство.

-Конститутивната седница на градското собрание на Белград е одложена за 1 март, поради немање кворум, соопшти претседавачот Тома Фила. Пратениците од листата „Србија против насилството“ денеска влегоа во градското собрание со истакнати транспаренти против, како што тврдат, изборни манипулации на изборите во Белград на 17 декември минатата година. На транспарентите пишуваше „Белград не ве сака“, „Кражбата нема да помине“ и „Ги украдовте изборите“. Присутни се Добрица Веселиновиќ и Владимир Јовановиќ, носителите на таа листа на белградските избори, како и Мила Поповиќ и Миќа Бериќ, Тања Пашиќ, Милош Павловиќ и други, известува „Политика“.   Во салата на градското собрание влегоа и пратениците од коалицијата НАДА, меѓу кои и лидерите на таа коалиција Милош Јовановиќ, лидерот на ПОКС Воислав Михајловиќ и Владимир Штимац. Согласно Законот за локална самоуправа, Собранието треба да се конституира во рок од два месеца од објавувањето на изборните резултати, кој истекува на почетокот на март, во спротивно се именува привремено тело и се распишуваат нови избори.

-Земјоделците утринава пристигнаа во Прага со 500 трактори и околу 4.000 други возила со цел да го блокираат центарот возејќи бавно, барајќи Чешка да се повлече од Зелениот договор на Европска Унија и сакаат да слушнат од Владата како ќе им помогне на земјоделците со високите цени на енергенсите. Главните организации на чешките земјоделци – Аграрната комора, Здружението на приватни земјоделци и Земјоделскиот сојуз категорично се оградија од протестот кој беше најавен да трае два дена, но денеска на улиците на градот има помалку од очекуваното. Тие изјавија дека организаторите се поврзани со маргинални радикални антисистемски забави, а еден од организаторите е агротајкунот Зденјек Јандејшек.

-Земјите-членки на Европската Унија и Европскиот Парламент (ЕП) постигнаа договор за воведување на првиот закон на блокот за справување со насилството врз жените. Но, конечниот текст потфрли на еден клучен елемент: изнаоѓање единствена дефиниција за тоа што е силување. И покрај законодавните напори, насилството врз жените и семејното насилство сè уште се присутни низ Европа. По повеќе месеци на интензивни преговори, ЕУ постигна договор за свој закон за борба против насилството врз жените и девојчињата, сеопфатна директива која има за цел да ги усогласи правните дефиниции и минималните затворски казни за престапниците ширум ЕУ. Законот има за цел да ги заштити жените во 27-те земји-членки на ЕУ од родово базирано насилство, принудни бракови, осакатување женски гениталии и онлајн-насилство. Текстот криминализира онлајн демнење, онлајн насилството и поттикнување омраза или насилство низ Европската Унија. 

-Палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал Малики денеска на отворањето на сослушувањето за израелската окупација на палестинските територии пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг, го обвини Израел за геноцид во Појасот Газа. - Да се ​​дозволи ова да продолжи е неприфатливо. Морална и законска обврска е да се запре што е можно поскоро, нагласи Ал Малики, пренесува Ал Џезира. Малики тврди и дека Палестинците на Западниот Брег се жртви на „колонизација и расистичко насилство“. Тој рече дека Обединетите нации во својата Повелба го вклучиле правото на сите народи на самоопределување и „ветиле дека ќе го ослободат светот од колонијализмот и апартхејдот“, но дека на Палестинците тоа право со децении им е ускратувано.

Остани поврзан