• вторник, 16 декември 2025
МИА Флеш

  21  мај  2025 

 

Скопје - Престедателката Гордана Сиљановска Давкова денеска изјави дека одлучила кој ќе биде идниот гувернер на Народната банка, но оти јавоста ќе го дознае неговото име откако предлогот ќе биде испратен до Собранието.

- Никогаш не се кажува прво во јаноста, туку се испраќа до органот и Собранието одлучува. Тоа денеска ќе биде финализирано пред за заминам за Италија, рече Сиљановска Давкова во изјава за новинарите по денешниот Форум за културна дипломатија, што се одржа во нејзиниот кабинет.

Таа потврди дека ќе биде некој од кандидатите кои се спомнуваат во јавоста.

Скопје - На моите европски пријатели им говорам, а и на (Емануел) Макрон му кажав, ако велите дека ЕУ е филозофија, а не само машинерија или недовршена симфонија без Западниот Балкан, тогаш морам да ве потсетам дека филозофија без вредности и принципи нема. Вредностите и принципите се вградени во вашите конститутивни акти, дека ќе го почитувате културниот и националниот идентитет на секој народ, дигнитет и интегритет на секој човек, тоа е темелот на ЕУ. Во спротивно, тоа е само уште едно здружување во потрагата по моќ и влијание во светот, рече денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска телефонски разговарал со министерот за надворешни работи на Кралството Саудиска Арабија, принцот Фаисал бин Фархан Ал Сауд.

- Во разговорот ја нагласивме заедничката заложба за унапредување на билатералните односи, при што како конкретен чекор го истакнав отворањето на резидентна амбасада во Ријад – одлука што ја сметаме како поттик за продлабочување на соработката во делот на економските и останатите области од заеднички интерес, објави Муцунски на неговиот Фејсбук профил.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска остварил работна средба со казахстанскиот амбасадор во земјава,  Сатибалди Буршаков, на која биле потврдени пријателските односи меѓу двете земји  и можностите за унапредување на соработката на ниво на полиции и борбата против сите видови криминал.

Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во Порта Македонија се обрати на состанокот на Генералната асамблеја на Европската рута на Светите Кирил и Методиј.

Во своето обраќање министерот истакна дека Македонија не само географски, туку и духовно и културолошки е длабоко вградена во мисијата на светите браќа и нивните ученици, соопшти Министерството за култура.

Скопје - Во рамки на српското претседавање со Иницијативата за Централноевропска соработка (ЦЕИ), заменик-претседателката на Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија на Собранието на Република Северна Македонија, Арбана Пашоли, учествува на Состанокот на претседателите на комисиите за надворешни работи на парламентите на земјите членки на парламентарната димензија на ЦЕИ.

Скопје - Во 11:25 часот нормализиран е сообраќајот на експресниот пат Штип, од крстосница кај с.Крупиште до крстосницата кај с.Спанчево, соопшти АМСМ.

Сообраќајот на овој патен правец беше во прекин од 09:15 часот поради потреби на МВР.

Сообраќајот беше пренасочуван по стариот пат.

Скопје - Народната банка на Република Северна Македонија денеска објави дека анализирано на годишно ниво, вкупните депозити бележат раст од 11,6 проценти што произлегува од повисоките депозити на двата сектора, со поизразен придонес на депозитите на секторот „домаќинства“.

На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 11,8 проценти како резултат на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор.

Скопје – Зелениот климатски фонд (ЗКФ), најголемиот глобален фонд посветен на справување со климатските промени, одобри нов проект за Северна Македонија во рамки на својата Програма за подготвеност и подготвителна поддршка.

Почетокот на новиот двегодишен проект, како што соопшти Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО), беше означен денеска на настан во просториите на Владата, на кој присуствуваа претставници од клучните национални институции, министерства, академската заедница и развојните партнери.

Охрид - Охридските матуранти денеска точно напладне со танц на музиката квадрил од штраусовата опера „Лијалкот“ на Градскиот плоштад го одбележаа полнолетството.

Дождливото време не ги обесхрабри околу 470-те матуранти од сите средошколски центри од градот облечени во бело сини маички и со чадори да се вклучат во масовната матурска прослава што годинава се спроведува во неколку града во земјата и неколку десетици градови од цела Европа.

Рим - Папата Лав Четиринаесетти денеска повика да се дозволи влез на хуманитарна помош во Појасот Газа.

„Го обновувам мојот апел да се дозволи влез на хуманитарна помош и да се стави крај на непријателствата, чија цена ја плаќаат децата, старите лица и болните“, истакна папата за време на аудиенција на плоштадот Свети Петар во Рим.

Тој рече дека ситуацијата во Појасот Газа станува сè позагрижувачка. 

Брисел – Високата претставничка за надворешна политика Каја Калас најави дека Европска Унија подготвува договор во висина од 5,5 милиони евра со Европската фондација за демократија со цел да се поддржи работата на Радио слободна Европа.

- Тоа е краткорочно, итно финансирање наменето за безбедносната мрежа на независното новинарство, посочи Калас по синоќешниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Брисел - Европскиот парламент денеска објави конкурс за пријавување на новинарски трудови за наградата „Дафне Каруана Галиција“ за 2025 година, која се доделува за исклучителна новинарска работа што ги промовира или брани фундаменталните вредности на ЕУ, како што се достоинството на луѓето, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и човековите права. 

Победникот на конкурсот го избира жири составено од претставници на медиумите и граѓанското општество, а наградата вклучува и паричен надомест од 20.000 евра. 

Берлин – Германската полиција уапси пет насилни десничарски екстремисти кои вршеле и планирале напади врз азилантите, соопшти денеска Германското обвинителство.

- Осомничените, кои биле малолетни за време на нападите припаѓаат на екстремно десничарска терористичка организација, чија цел е да предизвика уривање на демократскиот систем со насилство насочено пред сè на мигрантите и политичките противници, се наведува во соопштението на Обвинителството.

Пекинг - Кина изрази загриженост поради американскиот проект за изградба на противракетениот штит „Златна купола“ и го повика Вашингтон да се откаже од неговиот развој и распоредување, соопшти портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијан.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, вчера објави дека е избран архитектонскиот проект за системот за противракетна одбрана „Златна купола“ со цел САД да се заштитат од надворешни закани, дека системот ќе биде готов до 2029 година и ќе чини 175 милијарди долари.

Брисел – Неколку лица, меѓу кои и еден полицаец, се повредени во напад со нож во холандскиот град Хофдорп, што се наоѓа западно од аеродромот Схипхол, јави белгискиот јавен радиодифузен сервис на холандски јазик ВРТ.  

На социјалните мрежи се шират информации за еден или двајца загинати, но холандската полиција засега не ги потврди овие тврдења, а не дава ниту информации за состојбата на повредените. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, според ВРТ, полицијата рано изутринава добила пријава дека „нешто се случува“ во една куќа во Хофдорп, по што неколку полицајци пристигнале на местото на настанот. 

Техеран - Иранскиот парламент одобри договор за 20-годишно стратешко партнерство со Русија, објавија државните медиуми.

Договорот, кој на 17 јануари го потпишаа рускиот претседател Владимир Путин и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, предвидува продлабочување на билатералните односи, вклучително и поблиска соработка во одбраната.

Москва – Рускиот заменик-министер за надворешни работи Андреј Руденко најави дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ќе ја посети Москва.

- Потврдувам дека претседателот на Државните работи на Северна Кореја има покана од рускиот претседател Владимир Владимирович Путин да оствари официјална посета на Русија и се надеваме дека ќе го координираме времето и агендата на овие разговори преку дипломатски канали, посочи Руденко.

Тој додаде дека сè уште е рано да се зборува за конкретен датум на посетата на Ким на Русија.

Манчестер - Масовна тепачка избила меѓу навивачите на Манчестер јунајтед и Тотенхем пред финалето на Лига Европа во Билбао. 

Според шпанскиот медиум „El Diario Vasco“, конфликтот се случил вчеравечер кога групи навивачи на клубовите се сретнале на една од улиците на Билбао. Откако си размениле навреди, меѓу нив настанала општа тепачка. На неколку повредени им била потребна медицинска помош, но одбиле хоспитализација.

Тагови

Остани поврзан