• четврток, 19 декември 2024
МИА Радио флеш

24 август 2023

- Заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар денеска доаѓа во дводневна посета на Северна Македонија. Ескобар денеска ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, а се очекува да има средби и со премиерот Димитар Ковачевски, како и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Доаѓањето на Ескобар во Скопје следува по започнувањето на собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот како услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија.

- Заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар се надева на продуктивни и заеднички дискусии со владините лидери за време на неговата посета на Северна Македонија, изјавија од прес-службата на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски, на барањето коментар за реакцијата на опозицијата пред посетата на Ескобар на Скопје. „Ескобар патува во Северна Македонија за да разговара за билатерални и регионални прашања и да продолжи да го зајакнува нашето партнерство со ценет НАТО сојузник. Тој се надева на продуктивни и заеднички дискусии со владините лидери за време на неговата посета, особено поврзани со идната интеграција во ЕУ и долгорочниот просперитет на Западен Балкан“, велат од Стејт департментот.

 - Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи денеска имаше видео-обраќање на Самитот на Кримската платформа на кој беше повторена поддршката што Организацијата за безбедност и соработка во Европа и ја дава на Украина која се соочува со руската воена агресија од 24 февруари 2022 година, соопшти МНР. Како што истакна Османи, овој Самит уште една покажува сплотеност и одлучност против воената агресија на Русија.

- Во Касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес денеска ќе се одржи свеченост по повод промоцијата на нови 120 подофицери во чин водник и свечена заклетва на 150 професионални војници. На свеченоста ќе се обрати министерката за одбрана Славјанка Петровска.

 - Амбасадата на Украина и Здружението на Украинците „Лесја Украинка“, денеска организираат настан посветен на Денот на Независноста на Украина, кој ќе се одржи во центарот на Скопје. Ова е втора година како Украина го одбележува Денот на Независноста во услови на војна од големи размери на Русија против Украина.

- На територија на град Скопје вчера се изречени вкупно 292 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 100 санкции, 14 мерки за возење без возачка дозвола, 13 санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл. Изречени се седум мерки за минување на затворен сигнал - црвено светло, 12 санкции за користење на мобилен телефон при возење, седум мерки за некористење на сигурносен појас...

- Со традиционалното садење на дрво и поетско читање во Паркот на поезијата во чест на добитникот на „Златен венец“ за 2023 година - македонскиот поет и писател Влада Урошевиќ, денеска во Струга почнува 62. издание на Струшките вечери на поезијата. Официјалното отворање на манифестацијата ќе биде вечер со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата „Т`га за југ“ пред платото на Домот на поезијата. Годинашното мото на Фестивалот е „Чувствотворен јазик“, јазик што создава чувства.

- Командантот на руската платеничка формација Вагнер и нејзиниот соосновач Дмитриј Уткин се исто така меѓу оние кои се наоѓале во авионот што синоќа се урна во таа земја, соопшти Федералната агенција за цивилен транспорт на Русија, пренесува Би-Би-Си. Таа агенција претходно потврди дека меѓу десетте патници и членови на екипажот во авионот бил и шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, водачот на краткотрајниот и неуспешен бунт против военото раководство на Кремљ во мај оваа година.

- Затворениот поранешен генерал на руските безбедносни служби, кој наводно знаел за изградбата на црноморската резиденција на претседателот Владимир Путин, починал во притвор, пренесуваат руските медиуми. На генерал Генади Лопирев, кој беше осуден за поткуп во 2017 година и одлежа повеќе од девет години во поправната колонија бр. 3 во централниот регион Рјазан, според руските медиуми „одеднаш му се слоши“ и беше испратен во локална болница каде што почина на 16 август.

– Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека во текот на ноќта соборени сè уште три украински беспилотни летала над руски региони. Два дрона, наводно се соборени над регионот Брјанск и една над Калуга. Руското МО не соопштува за евентуални жртви и причинета материјална штета.

– Истрагите спроведени од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) и Европското јавно обвинителство укажуваат на можни неправилности во спроведувањето на железничките проекти во Бугарија, се наведува во вчерашното соопштението на ОЛАФ. ОЛАФ заедно со делегираните обвинители на Европското јавно обвинителство во Бугарија спроведе истрага, проверувајќи евентуални неправилности во проектот финансиран од ЕУ за модернизација на локалната железничка инфраструктура, особено во постапката за набавка и спроведувањето на проектот.

– Поранешниот личен адвокат на Доналд Трамп и поранешен градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани синоќа им се предаде на властите во Фултон, Атланта, Џорџија. Истото се очекува денеска да го направи и Трамп. Уште 17 обвинети во случајот против Трамп за изнуда и попречување избори воден од окружниот обвинител Фани Вилис деновиве пристигаат во Атланта. Крајниот рок кога треба да се предадат утре на пладне. Трамп од државната власт е обвинет за вршење принуда и рекет врз електорите на Џорџија после претседателските избори во 2020 година.

 - Јапонија денеска почна да испушта прочистена радиоактивна вода од уништената нуклеарна централа Фукушима во Тихиот Океан, потег што Кина повторно остро го критикува како „себичен и неодговорен“.

Ослободувањето, кое беше одобрено пред две години од јапонската влада и дадено зелено светло од Агенцијата за атомска енергија на Обединетите нации, е клучен чекор во долгиот и тежок процес на деактивирање на нуклеарната централа Фукушима Даичи.

 - Американското Министерство за правда соопшти дека запленило повеќе од 1,4 милијарди долари што криминалците ги украле од помошта за Ковид-19 и обвини повеќе од три илјади кривично обвинети во федералните окрузи низ целата земја, пренесоа британските медиуми.

Одделот за правда ги објави резултатите од националните мерки за сузбивање на измамите поврзани со пандемијата, кои обвинија 371 лице за злосторства поврзани со измама на повеќе од 836 милиони американски долари во средства за Ковид.

- Резултатите од пописот на населението спроведен во 2021 година покажаа дека бројот на жители во Хрватска од година во година се намалува. Според овие резултати, Република Хрватска тогаш имала 3.871.833 жители, што е намалување за 413.056 лица или 9,64 отсто во однос на пописот спроведен во 2011 година.

Помеѓу двете листи, Хрватска постигна дел од своите стратешки цели, па од 1 јули 2013 година е полноправна членка на Европската унија. Десет години подоцна, Хрватска стана дел од Шенген, а еврото стана официјална валута.

Остани поврзан