• петок, 05 декември 2025
МИА Радио флеш

Ресен - Светскиот ден на животната средина се одбележува со многу важен  проект за преспанскиот регион, а тоа е третирање на атмосферските води со изведба на канализациони системи за да се зачува биолошката разновидност околу Преспанското Езеро, истакна во Претор, амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас.

На прес-конференција во Претор, на брегот на Преспанско Езеро, амбасадорот Рокас нагласи дека проектот има двојна корист и директно придонесува за зачувување на животната средина.

Скопје - Парламентарниот карван, кој тргна минатиот месец од Ресен, се приближува кон својата крајна дестинација. Денеска, со почеток во 11 часот, на плоштадот „Нова Југославија“ во Куманово, претставници од Собранието ќе имаат средби со граѓаните на оваа Општина, пред завршната манифестација во Скопје, што ќе се одржи в понеделник на 10 јуни.

-Девет општини во земјава и градот Скопје годинава се опфатени со Парламентарниот карван, кој во изминатите неколку седмици помина низ Ресен, Крушево, Кратово, Крива Паланка, Валандово, Неготино, Тетово и Кичево. Притоа, преку разни активности, се испраќаат клучните пораки на манифестацијата „Собранието за граѓаните“ и „Отворено и одговорно“, а со цел да се подвлече дека законодавниот дом е одговорен како институција пред граѓаните, информира собраниската прес-служба. 

Скопје - Живееме во време кога еколошките кризи повеќе не се апстрактни закани, туку секојдневна реалност со директно влијание врз јавното здравје, безбедноста на храната, економијата и социјалната благосостојба. Зголеменото загадување во урбаните средини, загубата на биодиверзитетот, притисокот врз природните ресурси и климатската несигурност бараат координиран одговор, базиран на докази и долгорочна визија, рече денеска министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, отворајќи ја првата конференција „Заедно за одржлива животна средина".

Како што истакна Меџити, целта на конференцијата е да ги поттикне дијалогот и координацијата меѓу клучните актери: јавните институции, меѓународните партнер, научната заедница, индустријата, невладиниот сектор и граѓаните.

Скопје - Советот за оцена на обвинител акт при Основниот кривичен суд Скопје донесе решение со кое приговорот на одбраната за случајот „Онкологија" се одбива, а актот се одобрува.

-По вака одобрениот обвинителен акт формиран е кривично – правен предмет со К.бр. 1069/25 кој согласно АКМИС системот ќе биде распределен на понатамошно постапување кај судија, а што биде насрочен термин за главна расправа, истиот ќе биде достапен на календарот за судења на веб страната на судот, информираат од Основен кривичен суд Скопје.

Атина – Прашањата поврзани со Синајскиот манастир Света Катерина беа во фокусот на средбата во Каиро на министрите за надворешни работи на Грција и Египет Јоргос Герапетритис и Бадр Абделати, а шефот на грчката дипломатија посочи дека работат на обезбедување на правата на манастирот, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изјава за државната телевизија ЕРТ, Герапетритис по средбата рече дека нивните односи со Египет „се длабоки и имаат развиено стратешки карактеристики“.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски одговори на објавата на американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи во врска со неговиот разговор со рускиот лидер Владимир Путин.

- Многумина разговараа со Русија на различни нивоа. Но, ниту еден од овие разговори не донесе сигурен мир, па дури ниту ја запре војната. За жал, Путин чувствува неказнивост. Дури и по сите ужасни напади на Русија, тој наводно подготвува уште таканаречени „одговори“, се вели во објавата.

Киев – Пет лица загинаа, а шестмина се ранети во руски напад со дронови врз градот Прилуки во северна Украина.

- Имаме податоци за пет жртви, меѓу кои две жени и едногодишно бебе. Тие се пронајдени под урнатините, напиша на Телеграм Вјачеслав Чаус, областен управител на Чернигов и додаде дека шест лица се ранети и хоспитализирани.

- Експлозиите оштетија станбени домови во околината, додаде тој.

Брисел – Мора да направиме се за да ги зајакнеме капацитетите со цел да бидат способни за одвраќање, но тоа не може да биде одговорност само на САД, изјави американскиот секретар за одбрана Пет Хегсет пред почетокот на денешниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата.  

САД се горди што можат да бидат тука и да стојат покрај своите сојузници, но пораката ќе продолжи да биде јасна дека одвраќањето и одбраната преку зајакнување не можат и нема да бидат обезбедени само од САД, рече Хегсет, додавајќи дека САД направија чекор напред во зајакнувањето, но дека тоа треба да го сторат и европските сојузници.

Брисел - Нема безбедност без силна одбрана и нема да има трајна безбедност без безбедна Украина, порача денеска генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во воведното обраќање на заседанието на Северноатлантскиот совет што се одржува во рамки на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Алијансата, на кој учествува и македонскиот министер Владо Мисајловски. 

Според Руте, денешниот собир го претставува „последниот чекор на патот“ до Самитот на лидерите на НАТО во Хаг, што ќе се одржи од 24 до 26 јуни, па затоа министрите ќе мора „да се договорат за амбициозен нов сет на цели за способности, за да ги одржат безбедни своите една милијарда луѓе, со тоа што ќе ги одржат силни одвраќањето и одбраната“ на Алијансата. 

Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп побара Белата куќа да истражи дали сојузниците на поранешниот претседател Џо Бајден го прикривале наводното влошување на неговите ментални способности и незаконски користеле уред за потпишување (autopen) во име на Бајден за потпишување документи.

Бајден, кој се бори со рак на простатата, одговори дека тој ги донесувал одлуките за време на неговото владеење и рече дека одлуката на Трамп има за цел да го одвлече вниманието на Американците од законот за намалување на даноците за богатите, кој Конгресот го разгледува.

Вашингтон - Американски претседател Доналд Трамп побара истрага за наводната употреба на т.н. „автопен“ од страна на Џо Бајден во последните денови од неговиот мандат. На својата социјална мрежа Truth Social, Трамп го нарече користењето на автопенот од страна на Бајден „најголем политички скандал во историјата на САД“.

Тој тврди дека предвремените помилувања што Бајден ги потпишал биле неважечки бидејќи биле потпишани со помош на автоматизирана машина – автопен. Притоа Трамп игнорира дека оваа технологија се користи во американската администрација уште од 19. век.

Тел Авив – Телата на двајца израелски заложници се извлечени за време на воена операција во Појасот Газа, пренесе ДПА.

Жртвите се идентификувани како 72-годишниот Гади Хагаи и неговата 70-годишна сопруга Џудит Вајнштајн.

-Заедно со сите граѓани на Израел, мојата сопруга и јас им изразуваме искрено сочувство на семејствата. Нашите срца тагуваат поради оваа страшна загуба. Нека нивните спомени бидат благословени, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во изјава.

Скопје - Ракометниот клуб Алкалоид е победник на Европскиот куп, одлучи денеска Европската ракометна федерација (ЕХФ).  Алкалоид го доби со службени 10-0 реванш натпревар кој не се одигра во Скопје, поради одлуката на грчки АЕК да не излезе на терен, и со две победи, и по онаа во Атина, го освои трофејот во Европскиот куп.

-Ракометниот суд на ЕХФ ја донесе својата прва одлука во врска со случајот отворен откако беше откажан реваншот од финалето на Европскиот куп за мажи на ЕХФ за сезоната 2024/25 помеѓу РК Алкалоид и РК АЕК Атина, првично закажан за 25 мај 2025 година во Скопјe. Ракометниот суд утврди дека АЕК бил должен да игра на закажаниот натпревар. Со одбивањето да го стори тоа, клубот ги прекршил релевантните прописи на ЕХФ и затоа е одговорен,  се вели во официјалното соопштение од ЕХФ.

Остани поврзан