• понеделник, 23 декември 2024

МЖСПП, НП Маврово, Глобална Конзервација и Македонско еколошко друштво потпишаа меморандум за соработка

МЖСПП, НП Маврово, Глобална Конзервација и Македонско еколошко друштво потпишаа меморандум за соработка

Скопје, 4 април 2023 (МИА) - Меморандум за соработка денеска потпишаа Министерство за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Националниот парк Маврово, Глобална конзервација и Македонско еколошко друштво Скопје. Целта е поддршка за изработка на ревизија/дополна на Студијата за ревалоризација на НП Маврово како и изработка на нацрт-план за управување со овој Национален парк.

Оваа значајна соработка, според министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, претставува можност да се продолжи патот кон заштита, зачувување и унапредување на природните вредности со кои се карактеризира и одликува Националниот парк Маврово.

Таа додаде дека Студијата за валоризација на природните вредности на НП Маврово како основа за отпочнување на процесот на повторно прогласување, е значаен документ за кој смета дека Македонското еколошко друштво ќе го даде својот придонес.

министерка за животна средина и просторно планирање Каја Шукова  Фото/МИА

-Социо-економскиот карактер на НП Маврово е еден важен белег на ова подрачје со оглед на фактот што на територијата на паркот егзистираат 37 населени места. Верувам дека „Global conservation fond“ ќе придонесе во анализата на оваа компонента. Планот за управување претставува основниот стратешки документ за работа на Паркот за што сум уверена дека ќе биде изготвен и донесен еден квалитетен документ за период од десет години, рече министерката Шукова по потпишувањето на Меморандумот.

Како што напомена, со ова активност Министерството и Владата прават голем исчекор и одговараат на препораките на Бернска конвенција за отворениот фајл за НП Маврово.

-Убедена сум дека Управата на паркот со целиот свој расположлив капацитет ќе се стави на располагање и ќе одговори на сите предизвици во овој процес. Особено сакам да ја истакнам вложеноста на Министерстово за животна средина и просторно планирање-Секторот за природа за нивната упорност, посветеност, одговорност и придонес за изнаоѓање на соодветни решенија за финализирање на процесот на препрогласување, додаде Шукова.

Меморандум за соработка Фото/МИА

Директорот на Јавна установа Национален парк Маврово, Самир Ајдини денеска по потпишувањето на меморандумот се заблагодари на сите што помогнаа во овој процес за, како што рече, „да се тргне голготата со која се мачиме десет години“.

-Се надевам дека ова ќе биде иницијална „каписла“ за заштитата на нашето заштитено подрачје, за нашето убаво подрачје да биде уште поголемо и нашите вработени да имаат уште поголем мотив за работата, додаде Адини.

Претседателот на Македонско еколошко друштво Скопје, Славчо Христовски по потпишувањето на меморандумот го изрази своето задоволство и напомена оти ја дава својата поддршка на Националниот парк Маврово и за вработените таму.

Директорот на Глобална Конзервација за Европа и Азија, Мустафа Генен  Фото/МИА

Директорот на Глобална Конзервација за Европа и Азија, Мустафа Генен потенцираше дека даваат помош и поддршка на Министерството како и на Националниот парк Маврово, за осигурување на безбедност на животната средина. бт/нд/

 

Остани поврзан