• четврток, 26 декември 2024

Механизација на плажите кај Охрид, угостителите бараат итна седница на Советот на Општината

Механизација на плажите кај Охрид, угостителите бараат итна седница на Советот на Општината
Охрид, 4 јуни 2021 (МИА) – Охридскиот еснаф на угостители побара свикување итна седница на Советот на Општина Охрид на која би се дискутирало за актуелните збиднувања и активности од страна на Локалната самоуправа, а во врска статусот на угостителските објекти лоцирани во крајбрежниот појас на Охридското Езеро. Седницата би била во контекст на препораките од УНЕСКО и фактичката состојба, а со цел изнаоѓање решенија за тековните проблеми, во интерес на сите засегнати страни - Општината, граѓаните, деловните субјекти и туристите. Угостителите предлагаат расправа за времено регулирање на односите на постојните вршители на дејност, преодно решение за усогласување на објектите, согласно препораките на УНЕСКО и постоечката регулатива, одлагање на уривањето пред сезоната, како и ажурирање на постапките по однос на јавното наддавање и издавање под закуп од 2018 година што не се формално завршени. Од Советот на општината појаснуваат дека итна седница може да се одржи само на барање на советници или на градоначалникот. Предлогот бил испратен до сите советнички групи, следува состанок по што ќе биде соопштен ставот на Советот по иницијативата. Барањето за свикување итна седница следува откако механизација почна да се разместува во непосредна близина на угостителските објекти после мостот на Студенчишкиот канал, каде се наоѓаат неколку кафулиња на кои им се истечени договорите за стопанисување, како и концесиите на плажите. Градоначалникот на Охрид Константин Георгеиски неодамна истакна дека се работи за случаи на узурпација на државно земјиште, стопанисување без дозвола со земјиште на сите граѓани за стекнување противправна имотна корист што како што истакна, е кривично дело. Тој појасни дека мора да се ослободи крајбрежјето од илегални објекти, се што е во вода мора да се отстрани. Правниот статус е идентичен на сите објекти на крајбрежјето, сите со истечени договори за концесија. -Најважно е сега тие да ги затворат објектите, да престанат со вршење дејност. Ние ќе постапиме по решенијата за постапување. Две години се убедувам да нема репресија, да нема примена на сила од наша страна, но за тоа треба доброволно престанок со вршење дејност, рече Георгеиски, нагласувајќи дека пред сезона се предвидува да се отстранат платформите и ослободување на плажите. Пред два дена беше соопштено дека биле остварувани огромни приходи од стопанска дејност кај субјекти и тоа во период кога тие како поранешни концесионери немале активни договори за концесија. Фирма концесионер на плажа за период од четири години кога немала активен договор за концесија остварила приход од 190 милиони денари. Друга фирма која стопанисувала со плажа исто така без договор за концесија, за истиот период остварила приход од 59 милиони денари, а трета фирма за стопанисување на плажа без договор остварила 14 милиони денари, а прикажала расход само за двајца пријавени работници на месечно ниво. -Оваа пракса за градење на бизниси на штета на општината, државата и светското природно и културно наследство мора да биде минато. Како што имам кажано и претходно, треба на сите да ни стане јасно дека ваков тип на урбанизација и користење на крајбрежјето во строго заштитените зони повеќе нема да има, рече тогаш градоначалникот Георгиески. аб/сст/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан