• понеделник, 23 декември 2024

Метаморфозис го презентираше Извештајот за тековната состојба и патоказ за унапредување на Дигиталната агенда

Метаморфозис го презентираше Извештајот за тековната состојба и патоказ за унапредување на Дигиталната агенда
Скопје, 28 јуни 2022 (МИА) - Фондација Метаморфозис денеска го презентираше Извештајот за тековната состојба и патоказ за унапредување на Дигиталната агенда во Северна Македонија. - Во отсуство на вклученоста на повеќето земји од Западен Балкан во истражувањата на Европската Комисија, ова истражување е со неспорно додадена вредност бидејќи овозможува регионално споредување што ќе придонесе за позитивна конкуренција и ќе биде мотив за понатамошно спроведување на Дигиталната агенда (ДА). Иако ваквите темелни и метеодолошки базирани истражувања сѐ уште наоѓаат слабо референцирање во официјални владини документи и податоците од нив не се користат како референтни, во недостиг на официјални и објавени владини мерења истите можат да им послужат на институциите во одговарање на прашалници и мерења кои ги прават меѓународните фактори како Европската комисја, Советот за регионална соработка, СИГМА, ОЕЦД, Кулен Интернешнал и други, како и за нивно самооценување и рефлексија на сработеното, наведуваат од Метаморфозис. Врз основа на истражувањето на состојбите во периодот јуни 2021 – јуни 2022 година, посочуваат, може да се заклучи дека како координативна централна точка, МИОА располага со соодветни институционални капацитети за имплементација на ДА, но неспорно критичен е постојаниот одлив на кадар на високо административно ниво што го доведува во прашање континуитетот на работите. На тоа, како што истакнуваат од Метаморфозис, може дополнително да влијае и промената на менаџментот односно промена на три министри во рок од три години. - Најавената Агенција за дигитализација би требало да ги унапреди дигиталните процеси хоризонтално за кои отпор кон МИОА давале и другите институции. При формирање на новата најавена Агенција за дигитализација треба да се внимава некои од функционалностите на политиките кои ги координира МИОА да не се изгубат при трансферот на надлежности бидејќи одредени политики од ДА сѐ уште бараат развивање не само имплементација, велат од Метаморфозис. Оттаму додаваат дека од круцијално значење е усвојувањето на Националната стратегија за ИКТ 2022-2025 особено во отсуство на Национална стратегија за дигитална влада/е-Влада кои како такви постојат и во многу дигитално поразвиени земји од нас. - Законите и подзаконските акти за интегрираната информатичка и комуникациска мрежа, базите на податоци, меѓусебното поврзување и размена на информациите, безбедносните аспекти и развојот на инфраструктурата се целосно воспоставени, со особен напредок преку Законот за електронско управување и електронски услуги, Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги (ЗЕДЕИДУ), и Законот за централен регистар на населението, посочуваат од Метаморфозис. Еден од асетите на координирана политика на централно ниво, како што додаваат, е Националниот оперативен бродбенд план со кој се усогласуваат националните политики за развој на електронските комуникации со политиките на ЕУ. Напорите за интероперабилност, велат, се неопходни и покрај видливите резултати бидејќи придобивките кои од интероперабилноста треба да ги почувствуваат граѓаните уште се во рана фаза. - Зголемен е бројот на е-услуги во однос на минатиот извештајен период, но порталот uslugi.gov.mk не е доволно промовиран меѓу граѓаните а и голем број од услугите не се електронски во вистинска смисла туку само даваат опис кои се потребни документи и како услугата да се добие на шалтер. Дигиталната писменост ќе се проведува преку три секторски политики: образование, вработливост, а резултатите ќе се очекуваат во наредните години. ЕНЕР и Партнерството за отворена власт се на завидно ниво, но останува да се утврдат причините за нискиот степен на интерес на граѓаните за е-учество, се заклучоците од Извештајот. Настанот Дијалози за Дигитална агенда: Дигитална агенда за граѓаните – Дигитализација и дигитална трансформација за поефикасна администрација на кој Метаморфозис го презентираше извештајот, се одржа онлајн во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA“ кој е кофинансиран од Европската Унија и се спроведува во шест држави (Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Естонија), а е во организација на Фондацијата Метаморфозис. мс/дма/

Остани поврзан