• понеделник, 23 декември 2024

Менталното здравје во и по пандемијата - Не можеме да ги контролираме условите во коишто живееме, но треба да ја преземеме контролата врз себе

Менталното здравје во и по пандемијата - Не можеме да ги контролираме условите во коишто живееме, но треба да ја преземеме контролата врз себе
Скопје, 10 октомври 2021 (МИА) – Менталното здравје е предизвик во пандемиски и постпандемиски услови. Од почетокот на пандемијата помош бараа и луѓе кои никогаш порано не помислија дека ќе го направат тоа. Психолозите очекуваат дека по пандемијата со Ковид-19, ќе се случи пандемија на ментални нарушувања. По повеќемесечното работење од дома, светот повторно почна да се враќа во нормала, но сега се случува спротивен ефект - луѓето се чувствуваат анксиозни и тешко го прифаќаат враќањето на работа. Оттука, разговорот со психолог не треба да се табуизира, бидејќи ни помага да ги разбереме, прифатиме и надминеме нашите ментални состојби.
Разговорот со психолог има позитивно влијание врз нас и нашето здравје. Психологот и психотерапевт Радмила Живановиќ во разговор за МИА, вели оти не постои рецепт за совршено ментално здравје. Потребно е секој да се обиде да ги најде за себе соодветните начини за да функционира поавтентично, без огромен страв, паничност и очај.
  Овогодишниот слоган на кампањата што Светската здравствена организација ја организира по повод 10 Октомври - Светскиот ден на заштита на менталното здравје е „Грижа за менталното здравје за сите: Ајде да ја направиме реалност“. Светскиот ден на менталното здравје има цел да ја подигне свеста за менталното здравје низ целиот свет и да ги мобилизира напорите за елиминирање на стигмата. Од СЗО нагласуваат дека Ковид-19 имаше големо влијание врз менталното здравје на луѓето. -Сепак, постои причина за оптимизам. За време на Светското здравствено собрание во мај 2021 година, владите од целиот свет ја препознаа потребата од зголемување на квалитетните услуги за менталното здравје на сите нивоа, нагласува СЗО. На почетокот на пандемијата на коронавирусот и за време на вонредната состојба Комората на психолози на Република Северна Македонија објави на социјалните мрежи контакти на 40 психолози-волонтери од кои повеќето имаа специјална обука за прва психолошка помош и се психотерапевти. Мирјана Јовановска Стојановска, претседател на Комората на психолози во изјава за МИА истакна дека психолозите преку социјалните мрежи, нуделе психолошка помош и биле достапни за сите луѓе од државата, на кои им била потребна психолошка помош за тегоби што им се појавија поврзани со полицискиот час, изолацијата, драстичната промена на животот. Исто така, таа вели дека имало и психолози кои работеле со тимовите на волонтерите од Црвен крст и телефонски броеви на психолози на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија на коишто пациентите можеле да се јават и да добијат психолошка поддршка. Покрај негативните работи, пандемијата донесе и позитивни работи односно извршување на дел од обврските во домашни услови. Дел од луѓето почнаа со работа од дома што им овозможи да поминат повеќе време со семејството. По речиси две години, со појавата на вакцините дел од светот почнува да се враќа во нормала, но луѓето се чувствуваат анксиозни и тешко го прифаќаат враќањето на работа. - Многу од луѓето на почетокот на изолацијата се почувствуваа изолирани и загрозени, но потоа многумина од нив станаа задоволни од седењето дома. Тоа им овозможи да се зближат со семејствата, да поминат повеќе време со децата, да се посвети време на многу работи што претходно ги посакувале но немале време. Враќањето на работа за овие луѓе претставуваше проблем и се појави отпор, вели Јовановска Стојановска. Таа додава оти луѓето функционираат по навики и тешко им е да се променат. Навиките значат дека се движиме по една иста веќе утврдена линија во животот, со што организмот штеди енергија. За да се смени навиката потребна е голема енергија и организмот дава отпор, вели Јовановска Стојановска, а тоа луѓето ги прави анксиозни и вознемирени.

Психологот Живановиќ истакна дека треба да се напушти заблудата дека постои постојана благососостојба, и не треба да се плашиме да растеме од непријатните искуства. - Да се судриме со идеалите кои се илузијата која никогаш нема да ја реализираме, туку да се вгнездиме повеќе во сопственото тело, во контактот со реалноста и во релацијата со другите, вели Живановиќ. Таа додава дека психолозите и психотерапевтите, како професија што пружа психолошка помош и грижа, поминале и низ лични и низ професионални трансформации. - На почетокот интензивно започнаа промени во префрлување на психолошката помош од лице в лице во онлајн просторот. Колку и да бевме загрижени, промените покажаа дека успешно се адаптиравте и на таа потреба. Дури и ефектите кои беа донесени се дека и клиентите се чувствуваа многу посигурни во рамки на своите домови да добијат психолошка поддршка и помош. Многу од компаниите, загрижени за здравјето на нивните вработени, организираа секакви активности за психолошка поддршка и советување. Психоедукацијата се префрли целосно онлајн и имавме навистина голем одзив затоа што луѓето не мораа да патуваат за да следат одредена содржина кои им е од интерес, истакна Живановиќ. Во Северна Македонија, за жал сè уште е табу-тема да се побара психолошка помош, без разлика дали луѓето имаат потреба од тоа или не. - Барањето на помош и порано беше табуизирано и последно на списокот, и сега е, иако полека се менуваат работите. Менталните заболувања сè уште се причина за силна стигматизација и најчесто се смета дека лицата не можат да се адаптираат во нормалните текови на животот, што навистина не е така. Покрај нив и семејствата повеќе ги кријат и информациите и луѓето отколку отворено да зборуваат и да ги поддржат и прифатат за да најдат начини како да си ја раководат сопствената болест. Од друга страна преваленцијата на менталните заболувања е сè поголема и поголема, со почеток многу порано од претходно. И токму поради тоа многу повеќе да се зборува и да се работи за да се демистифицира состојбата на ментална нефункционалност, нешто што сите го чувствуваме периодов, вели Живановиќ. Јовановска Стојановска посочува дека помош побарале и луѓе кои никогаш претходно не ни помислиле дека ќе го направат тоа. Притисокот од изолација и стравот придонеле да се развијат нарушувањата во психолошкото функционирање, што им предизвикало проблеми во секојдневното функционирање на професионално и приватно ниво. Влијанието на Ковид-19 врз дел од тинејџерите предизвика нарушување на менталното здравје Епидемиите и пандемиите низ времето претставувале голема закана за јавното здравје на луѓето. Пред речиси две години кога цел свет се соочи со пандемијата на коронавирусот, се промени и начинот на кој живееме. Од постојаните дружби лице в лице, светот почна да живее во виртуелен свет, којшто за некого донесе безбедност и заштита, но за дел од луѓето поттикна анксиозност и депресија. Младите лица, особено тинејџерите најтешко го поднесоа периодот на карантин, полициски час и практично изолацијата од социјалниот живот. Наместо дружби со врсниците, посетување на училиште тие беа принудени да седат пред екраните и да го живеат новото „нормално“.   -Тинејџерите и младите, па и нивните семејства ми се чини многу тешко се справија и се справуваат со новото „нормално“ ако така може да се нарече ова во кое моментално сме. Нивното движење и контакт беа силно ограничени, се појави преголеми стравови кај младите за себе и за своите блиски, се појавија доста панични и анксиозни епизоди, младите социјално почнаа да се изолираат, да губат контакт со реалноста и единствениот контакт им беше преку социјалните мрежи и платформите за дружење. Ова уште повеќе ги поттикна длабоко да навлезат во онлајн светот. Некои успеаја да го искористат, а другите да го злоупотребат онлајн животот, вели Живановиќ. Претседателката на Комората на психолози посочи дека дел од младите луѓе се повлекоа зад екраните и тешко се соочија со враќањето во реалноста, па така многу родители побараа помош од психолози во врска со проблемите што нивните деца ги имале во однос на социјалното живеење. Психолозите потврдија, а и многу научни истражувања го покажуваат тоа дека кај оние млади кои се повлекоа и изолираа од светот, забележани се психолошки тешкотии во функционирањето. Во зависност од карактерот на тинејџерите, забележани се чести појави на регресивни однесувања, тантруми и непознат излив на гнев, но и целосна незаинтересираност, безволност, досада. Сите овие појави им предизвикуваат тешкотии со извршување на училишните обврски, социјализацијата и нормалното секојдневно функционирање.   Од друга страна пак, по речиси две години тие повторно се вратија во училиштата меѓу соучениците, но под посебни протоколи. Психологот Живановиќ вели дека со дел од тинејџерите со кои е во контакт им одговара тоа што се вратени во училишните клупи. Но, дел од нив се навикнале на комфорот од дома и следење онлајн настава, со што родителите имаат тешкотии да ги натераат да излезат на улица и полесно им е да го заменат физичкиот контакт со виртуелен. - Искрено мислам дека можноста за враќање во физичка настава, но и можноста за следење на некои од активностите онлајнкако и постоењето на можноста да изберат, им дава и ним повеќе слобода, посебно кога имаат соодветно водство од страна на родителите, додава таа. Јовановска Стојановска истакна дека одењето на училиште и средбите со врсниците се важни за тинејџерите, а пандемијата трае многу долго за да ги издржат ограничувањата без последици. Пандемијата на коронавирусот со себе донесе и економска криза, загуба на работните места и намалени приходи  - Пандемијата донесе огромни потреси во однос на загуба на комоцијата и егзистенцијата на многу семејства, ги ограничи децата и младите пред екраните, се ограничи комуникацијата со другите и со светот, повеќе бевме во загуби отколку во добивки, се наруши некаквиот баланс на животот, поделбите станаа уште поголеми, многу луѓе ја загубија работата, други најдоа работа која им одговара, многу загуби на блиски се случија. Многу загуби и на самите себе, она што сме го знаеле претходно за себе, а она што сега никако не можеме да го видиме, истакна Живановиќ. Таа додава оти самодовербата на многумина беше срушена, а профитерството и манипулацијата, говорот на омраза си најдоа плодно тло за цветање. Негативизмот најде своја причина да стане реализам. И во сите овие потреси, кои никој не ги предвидел ниту пак се подготвувал за истите се случија најголемите и психички потреси.   - Луѓето со многу ограничени капацитети и поддршка се соочуваа со загубите кои им се случуваа. Многу од тие загуби не можеа ниту да се предвидат, беа изненадни, тешки, блиски, неповратни, без последното збогум, во силна оддалеченост од вистинскиот поздрав. Искрено, многумина сакаат да ја заборават 2020-та, и дури и во зборувањето, не знаат како да ја референцираат таа година. Нема некој кој не беше допрен или надвор од системот на случувања. Овие пандемски трауми, иако сè уште актуелни, ќе се паметат долго во животот на оние кои вистински ги осетија, додава таа. Ставот на психологот Јовановска Стојановска е дека се наоѓаме на прагот од економската криза што незадржливо расте и пред нас е времето на нарушување врз менталното здравје. - Овие година и пол и како држава и како народ, некако ги истуркавме активирајќи ги сите резерви што ги имавме. Сега кога резервите се при крај, а не очекуваат поскапувања и реорганизирање на живеењето, ние сме на прагот на временски период кога ќе има многу егзистенцијални проблеми што директно ќе влијаат врз менталното здравје. За тоа како ќе влијае и што ќе се изроди од ова, ќе говориме после една година, додава таа. Реалноста е дека пандемијата на коронавирусот целосно не промени нас како индивидуи, ни го промени начинот на кој живееме, станавме попретпазливи и грижливи. Ако во минатото безгрижно функциониравме во секојдневниот свет, сега живееме во свет во кој мора да внимаваме и да водиме грижа за нашето здравје и здравјето на најблиските. Да не забораваме дека и менталното здравје е една од главните алатки за нормален и функционален живот во секојдневието. Одбележувањето на Светскиот ден на заштита на менталното здравје е од голема важност за целиот свет, организациите ја подигнуваат свеста, а луѓето стануваат свесни дека помошта постои. Кога живееме во време што постојано носи непредвидливи промени, а ние не можеме директно да влијаеме врз нив многу е потребно брзо да се приспособиме и да го живееме животот со тоа темпо. Психологот Мирјана Јовановска Стојановска, вели оти е потребно да процениме врз што можеме да влијаеме, а што е тоа врз кое немаме никакво влијание. Само така ќе знаеме каде може да дејствуваме и да правиме промени што ќе ги контролираме. - Секогаш нашиот одговор на информациите и случувањата во средината е нешто на што ние можеме да влијаеме во потполност. Потребно е да научиме вештини како да го правиме тоа најдобро што можеме, почнувајќи од исхраната, физичка активност, распоред на активности во текот на денот, поставување приоритети, користење на слободното време, надоградба на професионален и личен план, учество во социјални релации, грижата за физичкото здравје, хигиена и многу други работи што зависат само од нас, заклучи таа. Психологот Радмила Живановиќ, порача дека е крајно време да разбереме дека не можеме да ги контролираме условите во коишто живееме, но треба да ја преземеме контролата над себе и тоа што не исполнува, прави задоволни и функционални. Кристина Ивановска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан