• недела, 22 декември 2024

Мемов: Соработката на проектите со Светска банка ќе помогне во модернизацијата на ФПИОМ

Мемов: Соработката на проектите со Светска банка ќе помогне во модернизацијата на ФПИОМ

Скопје, 6 ноември 2024 (МИА) - Соработката на проектите со Светска банка ќе помогне во модернизацијата на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, изјави директорот Никола Мемов на денешната средба со Мисијата на Светска банка за имплементација на СИАП проектот и пензиската политика предводена од Зоран  Анушиќ и Мануела Софија Станкулеску.

Со досегашните активности на проектот и модернизацијата на Фондот, се очекува да се создадат услови за негово подобро функционирање и подобрување на состојбата со базите на податоци.

- Претставниците на Мисијата се интересираа околу коментарите на Фондот во однос на понудените решенија  во функционалната анализа, како и другите документи кои произлегуваат од досегашните активности, но и за статусот на актуарската единица во рамките на Фондот, информираат од ФПИОМ.

Мемов им посочил на соговорниците дека анализата на решенијата од функционалната анализа и останатите документи се при крај и ќе бидат финализирани до крајот на месецот, по што ќе бидат доставени до Проектот.

- Во однос на статусот на актуарската единица, тој  рече дека таа ќе биде внесена како  одделение во Фондот, за што е потребно да се направи промена на систематизацијата, а лицата кои се определени за извршување на оваа дејност, ќе продолжат со обуките, соопштуваат од Фондот.

Мемов ги информирал претставниците на Проектот дека покрај овие активности кои произлегуваат од соработката со Светска банка, во Фондот се работи и на краткорочни и долгорочни предлог-мерки за зголемување на приходите на Фондот и намалување на дефицитот, кои ќе бидат доставени до Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Тој нагласил дека за да се подобри квалитетот на услугите, но и да се зголеми безбедноста на податоците, се работи на решенија за модернизација на информатичкиот сектор на Фондот,  за што во наредниот период ќе имаат подетални средби со претставниците на Проектот во Македонија.

- Директорот на Фондот, Мемов, исто така,  рече дека  дигитализацијата на архивата на Фондот  е од особена важност за обезбедување на квалитетна база на податоци за осигурениците, како и за нивно прочистување, известуваат од ФПИОМ.

Наредната средба со претставниците на Мисијата на Светска банка за имплементација на СИАП проектот и пензиската политика ќе се одржи во почетокот на 2025 година. ир/са/

Фото: ФПИОМ

Остани поврзан