• петок, 22 ноември 2024

Медиумските работници недоволно заштитени во првите борбени редови на пандемијата

Медиумските работници недоволно заштитени во првите борбени редови на пандемијата
Скопје, 3 мај 2021 (МИА) - Пандемијата на коронавирусот целосно гo промени начинот на кој живееме, од извршување на секојдневните обврски, како пазарење, средба со пријатели, начинот на работа, дури и патувањата како и други обврски за кои претходно ги извршувавме без да се грижиме дали тие ќе остават последици врз нашето здравје и здравјето на другите. За дневните случувања во светот и нашата држава во првите борбени редови се најдоа медиумските работници, кои секојдневно од терен известуваа и за сосотјбата со вирусот. За МИА дел од нив го споделија искуството како е да се работи во услови на пандемија, кога заштитната опрема е недоволна, но есенцијален дел во борбата со вирусот и присуството на настани што се од интерес за јавноста, каде не секогаш се почитуваат протоколите, доведувајќи ги во опасност новинарите, снимателите и фоторепортерите при извршување на нивната работа. Дали редакциите обезбедија доволно заштитна опрема предвидена за теренска работа? Претседателот на Здружение на новинари во Македонија, Младен Чадиковски за МИА вели дека уште на почетокот на пандемијата ЗНМ изготви прирачник за заштита и безбедност при работа од коронавирусот, како и за етничко известување во услови на пандемија. - Ние во постојана корелација со институциите правевме напори да се обезбедат начини за заштита на новинарите, односно при организирање на прес-конференции и настани. Особено во време кога почнаа парламентарните избори и кампањата за изборите, при што секогаш реагиравме кога имаше опасност од поголемо групирање или непочитување на протоколите од страна на оние што ги организираа настаните, истакна Чадиковски. Претседателот на ЗНМ посочи дека во соработка со ОБСЕ, обезбедиле пакети со помош од средства за дезинфекција, маски, заштитни капи, очила и сè што е потребно за заштита за над 120 редакции, како и вакцинирање на медиумските работници во организација со Министерството за здравство. - Беше предизвик, за да можеме да ги заштитиме новинарите како едни од најзагрозените на оваа борбена линија со Ковид-19, за да не се случи нешто што секако не би сакале да се случи, таа пандемија да се префрли и во новинарскиот свет, во делови успеавме, во делови, како што, нели рековме и не успеавме, сподели Чадиковски. Новинарот Борис Куноски од МИА изјави дека уште на почетокот на пандемијата Агенцијата обезбеди маски, скафандери, ракавици, меѓутоа, паралелно и ги распредели новинарите за работа од дома, но и од редакција. - Како што се развиваше пандемијата, поголемиот дел редакции, како што се дескот, англиска и албанска редакција, работеа од дома, освен внатрешна во која репортерите беа присутни на терен на сите настани. Со тек на време, пандемијата како се намалуваше, вработените се враќаа, меѓутоа, се користеа заштитните средства, се почитуваа мерките, а и се зголеми продукцијата на МИА, која беше на волја на вработените, раскажува Куноски. Додава дека и покрај тоа, МИА не наишла на одговор другата страна, која што требала да го награди тоа, напротив, МИА се соочи со кратење на буџетот во два наврати и покрај тоа што некои медиуми, добиле од вториот пакет средства, како што кажа, МИА не учествувала во истиот. Околу почитувањето на мерките при организација на настани на кои што присуствувал, Куноски сподели дека во дел од институциите се почитувале, меѓутоа, во дел, помеѓу кои е и судското известување, сподели дека се случувало и да не се почитуваат, односно немало физичка можност за тоа, со што посочи дека би било добро кога институциите во вакви случаи би користеле алтернативни дигитални можности. Тамара Грнчаровска новинар во Телевизија Телма вели дека имало различни ситуации, кога имало поголеми турканици, кога колеги не ги носеле своите маски и не се чувствувала многу безбедно. - Јас лично се грижам секогаш да носам заштитна маска и ги опоменувам тие околу мене дека така треба. Никогаш не може човек да се чувствува комплетно безбедно кога има повеќе луѓе околу него и кога знаеме дека се ова се пренесува многу лесно, додава Грнчаровска. Александар Динев, новинар во Сител Телевизија за МИА изјави дека не се чувствувал целосно заштитено, поради тоа што го покрива здравствениот сектор и често морал да известува од здравствени установи, каде разговара со медицински лица во време на пандемија. Дали се почитуваа протоколите на секојдневните настани? Во изјави за МИА новинарите ги посочија протестите како настани на кои не се почитува протоколот, демонстрантите не носат заштитна опрема и толпата луѓе е поголема од дозволеното, како и настаните што се одржуваат во мали и несоодветни просотрии за поголема група на луѓе. - Неколку пати сум известувала од протести што не биле толку масовни, меѓутоа имало значителен број на присутни граѓани и јас како новинар сум била сред демонстрантите или сред другите колеги новинари и камермани со кои сме биле во многу тесни и мали простории, каде не се почитувала дистанцата од два метри, вели Вјолца Алити од Телевизија Алсат. Марина Тунева од Совет за етика во медиумите посочи дека се забележани бројни слабости, а новинарите продолжуваат да бидат изложени на ризици имајќи ги предвид последиците од вирусот. Менче Атанасова Точи од Телевизија 24 за МИА вели дека заштитата не треба да се подразбира само при одење на терен. - Заштитата е и во редакција каде што во една просторија сме 30 луѓе, така што мислам дека никој за време на пандемијата не се запраша како им е на новинарите и како да го овозможат известувањето во безбедни услови. Многу од нашите колеги се разболеа и ја прележаа болеста, вели Атанасова Точи. Дел од вработените во медиумите за жал ја загубија битката со вирусот, а на дел од нив остави последици по здравјето. Сепак, како одговорни за информирање на јавноста за секојдневните случувања новинарите, камерманите и фоторепортерите остануваат да ја извршат својата работа и да ги пренесат информациите и случувањата во текот на денот. Во различни услови, без целосна заштита и присуствување на настани каде протоколите се само на хартија медиумските работници остануваат да работат во првите борбени редови на пандемијата.

Кристина Ивановска Ангела Рајчевска Видео: Аслан Вишко

Остани поврзан