• понеделник, 23 декември 2024

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 7 февруари 2024 (МИА) - На 06.02.2024 во 15.10 часот во Велес, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Велес ги лишиле од слобода 30-годишната М.А., П.Т.(34) и Б.А.(42), сите од Велес. При претрес во домот на М.А., извршен со наредба од Основен суд Велес, каде биле затекнати П.Т. и Б.А., биле пронајдени и одземени хероин, кокаин, таблети и дигитална вага. Тие биле приведени во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава. 

На 06.02.2024 во Битола, полициски службеници од СВР Битола ја лишиле од слобода  М.И.(46) од Битола. При претрес во нејзиниот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана спакувана за продажба и пари во различни апоени. На ул.„Дебарска" во Битола, полициски службеници го лишиле од слобода и Е.А.(33) од Битола затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана, која ја купил од М.И.. Двајцата биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави. 

На 06.02.2024 во 05.00 часот на наплатна станица Градско, полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки во Одделот за гранични работи и миграции при Бирото за јавна безбедност го лишиле од слобода Е.О.(58) од Република Турција. При контрола во автобус „мерцедес“ со турски национални ознаки, кој го управувал, во багажниот простор биле пронајдени 20 пакети и 28 кутии различни производи, кои подлежат на царинска контрола, а за кои не поседувал никаква документација. Пронајденото било одземено,а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

На 06.02.2024 во 08.30 часот на подрачјето на Центар во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.Ч.(44) од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.   

На 05.02.2024 во 22.00 часот на улица „22 Декември“ во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци ги лишиле од слобода А.К.(20) и Ѓ.П.(22), двајцата од Кавадарци. При преглед на патничко возило „сеат“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од А.К., а Ѓ.П. бил сопатник, биле пронајдени и одземени бела грутчеста материја и дигитална вага. Двајцата биле приведени во полициска станица и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава. 

На 06.02.2024  во 09.00 часот на Граничниот премин  „Меѓународен аеродром Скопје“, полициски службеници го привеле В.Д.(59) од Република Турција затоа што при извршена пасошка контрола било констатирано дека го пречекорил дозволениот престој во државата. Тој бил предаден на полициски службеници од регионалниот центар за гранични работи Север за понатамошна постапка. 

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (06.02.2024) продолжи со акциските контроли во областа на сообраќајот. Само на територијата на град Скопје изречени се вкупно 201 мерка, меѓу кои 35 санкции за непочитување на брзината на движење, 19 мерки за возење без возачка дозвола, пет санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло, шест санкции за некористење на сигурносен појас, 11 мерки за користење на мобилен телефон при управување... 

На 06.02.2024 во 22.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од ул.„Јуриј Гагарин“ и сервисна улица во Скопје, патничко моторно возило „фиат пунто“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.С.(20) од Скопје, удрило во велосипед управуван од Љ.Д.(61) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје. 

На 06.02.2024 во 20.25 часот во СВР Куманово било пријавено дека на крстосницата од бул.„Октомвриска револуција“ и ул.„Моша Пијаде“ во Куманово, патничко моторно возило „фолксваген пасат“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од М.Д.(30) од Куманово, удрило во пешакот С.Ј.(55) од Куманово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Општата болница Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово. 

На 06.02.2024 во 16.20 часот во Полициската станица Кисела Вода, В.Ч.(38) од Скопје пријавила дека на ул.„Пушкинова“ во Скопје нејзината малолетна ќерка била касната од куче скитник. 

На 06.02.2024 во  10.15 часот во Полициската станица Велес, Д.В.(82) од Велес пријавила дека на улица „Никола Карев“ во Велес била касната од куче скитник. 

Остани поврзан