• понеделник, 23 декември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 25 јуни 2024 (МИА) - Надворешната канцеларија за криминалистички работи Македонски Брод поднесе кривична пријава  против С.Т.(47) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. На 16.05.2024 од странска амбасада било пријавено дека  пријавениот упатувал навредливи и заканувачки содржини. 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Пробиштип поднесе кривична пријава против З.Т.(59) од Пробиштип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. На 04.05.2024 пријавениот, искористувајќи го моментот кога оштетениот од банкомат на банка во Пробиштип  не успеал да подигне парични средства и не се одјавил од системот, неовластено од неговата сметка подигнал парични средства во износ од 20.000 денари. 

Надворешна канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против В.К.(53) од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ и „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ и М.И.(59) од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“. На 15.03.2024 пријавените на место викано „Крстот“, атар на с.Очипала, делчевско, без да поседуваат дозвола за археолошки истражувања, започнале со проучување и пронаоѓање на знаци, со цел идентификување на место каде можат да бидат пронајдени вредни предмети и потоа да продолжат со ископување. Пријавените, биле запрени од полициски службеници, а при преглед во возилото била пронајдена и одземена опрема и алат наменети за археолошки истражувања и ископ, кај второпријавениот биле пронајдени осум сребрени монети, а кај првопријавениот уште четири стари монети и два стари прстени. Со извештај од Управа за заштита на културното наследство, било констатирано дека четирите монети и двата прстени одземени од првопријавениот, претставуваат добро под привремена заштита.

На 24.06.2024 во 21.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека во наплатен пункт на Јавно претпријатие Градски паркинг во кругот на Комплексот клиники „Мајка Тереза“, едно лице со закана со остар предмет од двајца вработени одзело пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 24.06.2024 во 10.05 часот во СВР Скопје, Ш.А.(53) од с.Патишка река, скопско пријавил дека на паркинг на подрачјето на Бит Пазар настанал пожар во неговото патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки. Повредени лица нема. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје. 

СВР Штип поднесе кривична пријава против В.К. (31) од Свети Николе, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 10.04.2023, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле таблети бупренорфин, кои се обидел да ги внесе во Казнено поправната установа Затвор Штип.

На 24.06.2024 во 13.00 часот во ОВР Валандово М.Т. (61) од Валандово пријавил дека околу 12.00 часот на плоштадот во Валандово бил физички нападнат од С.Т. (63) од село Миравци. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 24.06.2024 во 18.00 часот во Полициско одделение Нов Дојран Г.З.(49) од село Смоквица, гевгелиско, пријавил дека околу 15.30 часот во Стар Дојран бил физички нападнат од А.С. од Стар Дојран. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 24.06.2024 во 23.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на паркинг на подрачјето на Ѓорче Петров во Скопје настанал пожар во патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Т.Ѓ.(57) од Скопје, кој го паркирал на местото пред околу три месеци. Повредени лица нема. Од Бригадата за противпожарна заштита пожарот бил изгаснат. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје. 

На 24.04.2024 во 16:00 часот во ОВР Ресен од страна на општински комунален инспектор од општина Ресен е пријавено дека додека преземал службени дејствија бил физички нападнат од страна на Д.С. од село Баница, струмичко. Од страна на полициски службеници Д.С. е лишен од слобода и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

На 24.06.2024 во 17.30 часот во СВР Охрид лишен од слобода е Д.Т.(34) од селото Горенци, општина Дебрца. При претрес во неговиот дом, извршен по судска наредба, полициските службеници од Одделението за недозволена трговија со оружје, пронајдоа и одзедоа ловна пушка „црвена застава“ и три куршуми кои, нелегално ги поседувал. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 24.06.2024 во 23.40  часот, А.И.(45) од Кичево, во  полициска станица пријави дека на улицата „Борис Кидрич “ во Кичево бил каснат од куче скитник. На 25.06.2024 година во 09.40 часот во ОВР Кичево, Г.С.(56) од Македонски брод, пријави дека на булеварот „Ослободување“ во Кичево, бил каснат од куче скитник.

Денеска (25.06.2024) во 03.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Кисела Вода во Скопје настанал пожар во патничко возило „киа“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на П.В.(77) од Скопје. Од пожарот биле зафатени и две други патнички возила,  „шевролет“ сопственост на М.С.(40) и „пежо“ сопственост на М.О.(49), двете од Скопје. Повредени лица нема. Од Бригадата за противпожарна заштита пожарот бил изгаснат. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.  

ОВР Струга поднесе кривична  пријава  против М.З.(21) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. При преглед извршен на кеј „Борис Кидрич“ во Струга, полициските службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при ОВР Струга, пронајдоа и одзедоа марихуана.

ОВР Кичево  поднесе кривична пријава против Љ Б.(59) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување службена исправа“. Тој, во својство на службено лице- вработен во ЈП „Национални шуми“- ПСШ „Лопушник“, извршил фалсификување на испратница како службена исправа со внесување на невистините податоци, со што,  согласно правилникот за висина на цената за штети во шума, на Јавното претпријатие му предизвикал материјална штета од 217.700 денари.

Денеска (25.06.2024) во 01.35 часот во СВР Скопје Џ.А.(49) од с.Арачиново-скопско пријавил дека на ул.„1“ пред неговиот двор било опожарено товарно возило „фолксваген транспортер“ со скопски регистарски ознаки. Повредени лица нема. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (25.06.2024) во 01.00 часот во СВР Скопје, Б.Ѓ.(21) од Скопје пријавил дека на 24.06.2024 околу 04.00 часот на подрачјето на Ѓорче Петров бил физички нападнат од Л.Ј. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Денеска (25.06.2024) во 03.00 часот во СВР Скопје, 38-годишна жена од Скопје пријавила дека на 24.06.2024 околу 22.20 часот на паркинг простор на подрачјето на општина Аеродром била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер С.М.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

 На 24.06.2024 во 16.00 часот во СВР Скопје, М.С.(57) од Скопје пријавил дека на 23.06.2024 околу 16.00 часот на подрачјето на Карпош бил физички нападнат од неговиот сосед Б.Н. кој му упатувал и закани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 24.06.2024 во 23.00 часот во СВР Скопје, К.П.Ѓ.(56) од Скопје пријавил дека околу 18.30 часот во автобус на подрачјето на Гази Баба бил физички нападнат од малолетник, кој претходно се обидел физички да го нападне малолетниот син на пријавителот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 24.06.2024 во 16.00 часот во СВР Скопје, М.М.(64) од Скопје пријавила дека на подрачјето на Карпош, едно лице со употреба на физичка сила ѝ го одзело златното ланче што го носела на себе. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   

На 24.06.2024 во 20.40 часот во СВР Скопје, В.М.(55) од Скопје пријавила дека околу 20.00 часот на автобуска постојка на подрачјето на Карпош едно лице со употреба на физичка сила ѝ го одзело златниот ланец што го носела на себе. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.   

СВР Скопје поднесе кривична пријава против четворица малолетници, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 25.03.2024, на бул.„Крсте Мисирков“ во Скопје, пријавените со закана побарале пари од малолетник, а откако не успеале во намерата, физички го нападнале и со остар предмет му нанеле повреда. 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Е.Г.(53), И.Г. (37), Б.С. (43), С.Б. (36)  и А.С.(49) сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 18.06.2024 пред Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, пријавените со тврди предмети го нападнале Д.Ј. 

Денеска (25.06.2024) во 03.50 часот полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода А.Н.(30) од с.Цветово-скопско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вонбрачен живот со малолетно лице“. По насоки од Јавен обвинител, од полициски службеници од Одделението за криминалистички работи Аеродром и Драчево била известена Јавната установа-Меѓуопштински центар за социјална работа Скопје и заедно со претставници од установата од с.Цветово, била донесена малолетничката во Полициската станица Драчево. Извршен бил разговор со неа во присуство на претставници од ЈУМЦСР. По целосно документирање на случајот против А.Н. ќе следува кривична пријава.

На 24.06.2024 во времето од 11.00 до 13.00 часот од страна на полициски службеници од СВР Скопје беше постапено по претходно изготвен план за сузбивање на питачење на подрачјето на Центар и Бит Пазар, при што на бул.„Крсте Мисирков“ во Скопје бил затекнат малолетник од Скопје, кој барал пари од учесници во сообраќајот. Детето е предадено на  Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа Скопје. Од страна на полициски службеници ќе биде повикана мајката на малолетникот и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање на дете“ по чл.201 од КЗ на РСМ.

Денеска (25.04.2024) во 00.40 часот во Полициската станица Ѓорче Петров Д.К.(31) од Скопје пријавил дека на ул.„Лука Геров“ во Скопје бил каснат од куче скитник. 

На 24.06.2024 во 13.30 часот В.С.(36) од Тетово пријавила дека на бул.„Кузман Јосифовски–Питу“ во Скопје била касната од куче скитник. 

 

Остани поврзан