• понеделник, 23 декември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 15 ноември 2023 (МИА) - Денеска (15.11.2023) полициски службеници од СВР Битола и Одделот за криминалистичка полиција - Одделение за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, со судски наредби, извршија претреси на повеќе локации во Ресен и Битола, поради сомнение за сторени кривични дела по член 396 од Кривичниот законик. При претрес во домот на К.Р.(41) во с.Штрбово, ресенско, биле пронајдени три пушки, три пиштоли различен калибар и поголемо количество на муниција, исто така, различен калибар. Тој бил лишен од слобода и задржан во полициска станица. Во импровизирана работилница во Битола, сопственост на Б.Г.(76) од Битола, биле пронајдени шест пушки (две ловечки, три воздушни и една импровизирана) и поголема количина на различни делови за оружје. Б.Г. е повикан на службен разговор во полициска станица. По целосно расчистување и документирање на настаните против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави. 

Денеска (15.11.2023) во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје – Единица за недозволена трговија го лишиле од слобода Д.К.(44) од Скопје. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, била пронајдена лабораторија за производство на марихуана со  околу 150 садници, ламби, вентилатори и друга опрема, како и неколку шприца со кафеава материја, марихуана и дигитална вага. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на настанот, во консултација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

Денеска (15.11.2023) во Штип, полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога при СВР Штип го лишиле од слобода Ј.П.(45) од Штип. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени: бела прашкаста материја, марихуана, дробилка, две дигитални ваги и пари. Во координација со јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Штип, тој е задржан во Полициската станица Штип и по целосно комплетирање и документирање на случајот со кривична пријава ќе биде предаден на ОЈО Штип. 

Одделението за внатрешни работи Радовиш до Основното јавно обвинителство Радовиш, поднесе кривична пријава против Е.Г.(35) и С.И.(41), двајцата од село Бучим, радовишко и Ј.В.(62) од село Лубница, општина Конче, поради основано сомнение дека Е.Г. сторил кривични дела „пустошење на шума“, „фалсификување на знаци за обележување на стоки, мери и тегови“ и кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“, дека С.И. сторил кривично дело „помагање“ во врска со кривично дело „пустошење на шума“, а Ј.В. сторил кривично дело „несовесно работење во службата“. Е.Г. и С.И., со цел да прикријат пустошење на шума на државни парцели, се договориле С.И. да склучи договор со Н.Д. од Радовиш, сопственик на приватни шуми на место викано „Горна Враштица“, атар на село Дамјан, радовишко, за сеча и продажба на огревни стебла од парцели на Н.Д., кои граничат со државните парцели. Откако го склучиле договорот, Е.Г. во име на Н.Д. поднел барање за одобрение за сеча, при што од ЈП „Национални шуми“ - подружница „Плачковица“ Радовиш му се издадени одобренија за сеча во катастарските парцели на Н.Д.. Потоа, во периодот од јули до септември 2023 година, Е.Г. во 10 катастарски парцели, сопственост на Република Северна Македонија, извршил бесправна сеча на 78,07 кубни метри дабово огревно дрво, со што нанел штета од 642.859 денари на Република Северна Македонија. Дел од бесправно исечените дрва ги обележал со жиг, кој по карактеристиките не одговара на формата и назнаките на оригиналниот жиг. При транспортот на дрвата, полициски службеници од ОВР Радовиш го запреле товарното возило „фиат“ со радовишки регистарски ознаки, управувано од Е.Г., при што било констатирано дека врши превоз без да поседува лиценца. Третопријавениот Ј.В., при вршењето на неговите овластувања на работното место референт за сеча, дотур и превоз за приватни шуми, несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности и изготвувал испратници за превоз на огревно дрво на име на првопријавениот Е.Г. и покрај тоа што одобренијата за сеча биле издадени на име на Н.Д. На овој начин му овозможил на Е.Г. да изврши сеча на вкупно 155,15 кубни метри дабово огревно дрво, со што се стекнал со противправна имотна корист од 652.405 денари. 

Денеска (15.11.2023) на ул.„Караорман" во Битола, полициски службеници од криминалистичката полиција на СВР Битола го привеле А.Џ.(40) од Битола. Тој бил баран по централна потерница врз основа на наредба од Основен суд Охрид за издржување на затворска казна. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Битола за издржување на казната.  

На 14.11.2023 околу 12.45 часот во Гостивар, полициски службеници на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Гостивар, поради нелегална работа,   ги привеле за натамошна постапка Д.С.(41) и М.К.(27), двајцата од Република Турција. Се расчистува и документира случајот. 

На 14.11.2023 во Полициската канцеларија Пехчево пријавено е дека околу 11.20 часот на место викано „Голем Требомир“, атар на Пехчево, врз С.Ц.(56) од Пехчево, вработен во Шумско стопанство Пехчево, за време на извршување на работни задачи, паднало буково стебло. Од здобиените повреди тој починал на местото, а смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош Пехчево. Увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Берово. 

Во текот на вчерашниот ден (14.11.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 261 возач. Од нив 12 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа, 137 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 124 надвор од населено место. 

На 14.11.2023 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 21 прекршоци, од кои 15 во населено место и 6 надвор од населено место. Санкционирани биле и 24 други видови на прекршоци, од кои 6 за управување возило без возачка дозвола, 3 за нерегистрирано возило, 5 за некористење сигурносен појас, 1 за некористење заштитна кацига и 9 за непрописно паркирање. 

На 14.11.2023 во 20.35 часот во СВР Скопје, М.Ѓ.(69) пријавила дека околу 19.20 часот на подрачјето на Центар била физички нападната од З.С.Д.Ѓ.(44), двете од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 14.11.2023 во 10.30 часот во СВР Скопје, М.Ф.(34) од с.Љуботен, скопско, пријавил дека околу 09.45 часот во кругот на пазар на подрачјето на Гази Баба, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од А.Ј.(33) и З.Ј.(41), двајцата од с.Баница, струмичко. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 15.11.2023 во 03.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека во скопската населба Шуто Оризари, Д.Р. од Скопје со остар предмет ја нападнал својата 29-годишна сопруга. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Г.Х.(31) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. На 31.07.2023 пријавениот се договорил со Б.Н. - сопственик на плац за автомобили да купи патничко возило „опел астра“, сопственост на лице од село Слатино, за што дал дел од договорената сума. После тоа, Б.Н. му го дал возилото на пријавениот за да сретне со сопственикот, да го доплати целиот износ и да го префрлат возилото на негово име, но до денот на пријавување тој не го сторил тоа со што се  стекнал со противправна имотна корист од 800 евра.

На 14.11.2023 во 21.00 часот во СВР Тетово, У.И.(56) од Гостивар пријавил дека на улица „Илинденска“ во Гостивар бил нападнат од кучиња скитници, при што паднал од велосипед и се повредил. 

На 14.11.2023 во 19.25 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред казино на подрачје на Аеродром, по претходна расправија, настанала физичка пресметка помеѓу Т.М. од Скопје и нејзиниот поранешен 45-годишен партнер, при што таа употребила остар предмет и му нанела повреди. Остриот предмет бил пронајден и одземен и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 14.11.2023 во СВР Битола, М.Н.(45) од с.Дихово, битолско, пријавила дека во Градскиот парк нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник. 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Е.В.(37) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“. На 13.09.2022 во спортска обложувалница во Скопје, пријавениот со уште едно лице со закана со оружје кон вработената одзеле пари од дневниот промет. 

На 14.11.2023 во 10.40 часот во СВР Тетово, 24 - годишната гостиварка Е.Х. пријавил дека на улица „Мара Угринова“ во Гостивар била касната од куче скитник.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Р.М.(64) од Гостивар - вработен во правно лице од с.Ласкавица, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пустошење шума“ и против Р.З.(59) од Кичево - вработен во ЈП „Национални шуми“ - ПСШ „Лопушник“ во Кичево, поради постоење основи на сомнение за кривично дело „несовесно работење во службата“. Во периодот од 22.09.2023 до 25.10.2023, првопријавениот склучил устен договор со лице од Кичево, кое имало одобрение за сеча на 60 кубни метри огревни дрва во катастарска општина Тајмиште, но не постапил во согласност со одобрението и бесправно извршил сеча на 63,5 кубни метри дрва во државна сопственост. Бесправно исечените дрва, од страна од шумочуварската служба се пренесени во склад на ПШС „Лопушник“-Кичево со што на ЈП „Национални шуми“-ПШС „Лопушник“ била причинета материјална штета во вкупен износ од 444.500 денари. Второпријавениот, во периодот од 14.09.2023 до 25.10.2023, со пропуштање на должен надзор, несовесно постапил и не ги извршувал своите службени дејствија за вршење на преглед во одделите на наведеното стопанство.

На 14.11.2023 во 09.20 часот, М.Е.(72) од Кичево во полициска станица пријавил дека на улица „Гоце Делчев“ во Кичево бил каснат од куче скитник. 

СВР Велес поднесе кривична пријава против С.Ф.(51) од Кавадарци, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. На 05.10.2023, пријавената во својство на раководител на Подружница шумско стопанство Демир Капија, издала дозвола за сеча на огревни дрва, иако за тоа немало налог за уплата, со што овозможила материјална корист на физичко лице, односно материјална штета на ЈП Национални Шуми-ПШС Демир Капија во износ од 14.828 денари. 

Остани поврзан