• понеделник, 23 декември 2024

Марија Дуковска Павловска нова генерална директорка на Макстил

Марија Дуковска Павловска нова генерална директорка на Макстил
Скопје, 26 јануари 2022 (МИА) - Акционерското собрание на Макстил А.Д. – Скопје поради истекот на мандатот на Одборот на директори го изгласа новиот состав на Одборот на компанијата за наредниот мандат од четири години, при што негов нов член е Марија Дуковска Павловска. Дуковска Павловска на првата седница е избрана за нов генерален директор на Макстил, на местото на досегашниот генерален директор Иван Бановски. Од компанијата информираат дека Дуковска Павловска, која ќе стапи на должноста од 1 февруари, поседува богато менаџерско искуство во областа на финансиите и индустријата, а на новата позиција доаѓа од позиција на управител на KEMET Електроникс Македонија, управител на КЕМЕТ Електроникс Бугарија, директор за ЧР на КЕМЕТ за Источна Европа и на едукација за Европа, како и член на проширениот лидерски тим на КЕМЕТ Електроникс. - Одборот на директори ја изрази својата благодарност на Бановски за неговиот драгоцен придонес во текот на изминатите осум години како член на Управниот одбор на Макстил, но уште повеќе како генерален директор на компанијата, со што овозможи Макстил да постигне важен напредок и да се развива во модерна, динамична компанија каква што е денес. Бановски останува во Макстил и ќе продолжи своето големо искуство и експертиза да ги вложува во компанијата и да дава поддршка со својот професионален придонес, се наведува во соопштението на компанијата. Исто така, aкционерското собрание на Макстил изгласа и промена на независниот член на одборот Татјана Шишковска, на чие место беше назначена Александра Мишковска, како нов независен член на одборот. - Со промените во управувачката структура, компанијата останува посветена и фокусирана на постигнување поголеми резултати на меѓународните пазари, со континуирани инвестиции во подобрување на производните процеси и во воспоставување безбедна работна средина со можности за професионално унапредување за вработените, како и компанија со обемна општествена одговорност и активно учество во подобрување на заедницата, посочија од Макстил. бт/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан