• петок, 22 ноември 2024

Маричиќ: Со заеднички напори можеме да ја постигнеме целта и членство во ЕУ до 2030 година, но и имплементација на целите за национален развој

Маричиќ: Со заеднички напори можеме да ја постигнеме целта и членство во ЕУ до 2030 година, но и имплементација на целите за национален развој

Скопје, 9 октомври 2023 (МИА) – Врз основа на извештајот од скринингот на правиот кластер – темелни вредности, институциите веќе работат на креирање на патоказите за владеење на правото, за реформи на јавната администрација и за функционирање на демократските институции, од кои првите два се и формален услов за отворање на овој кластер. Формирани се работни групи на институционално ниво, кои веќе ги имаат првите верзии и интензивно се комуницира со Брисел. Во нив ќе бидат вклучени и препораките и упатствата кои ќе произлезат од Оценската мисија за работата на Судскиот совет и сето тоа, на крај ќе треба да најде место во новата Националната развојна стратегија.

Ова го порача вицепремиерот Бојан Маричиќ, на јавната расправа за владеење во функција на граѓаните во рамки на Комисијата за европски прашања.

- Владеењето на правото е клучна претпоставка за развој и функционирање на економијата и затоа сме должни да посветиме и повеќе внимание и посериозни мерки, за да можеме на среден и долг рок да воспоставиме систем по овие патокази, каде што нема да ни требаат дополнителни механизми за набљудување на нашиот систем на правосудство, избори и разрешувања на судиите, квалитетот на правдата и пресудите, брзината на постапките и ефикасноста во постапките, што се дел од забелешките на ЕУ, рече Маричиќ.

Важно е, нагласи, овој процес да остане отворен за сите и сите да земат активно учество, пратениците од сите политички партии, но и обвинителите, судиите, и сите кои ја претставуваат таа фела на највисоко ниво, како и академската фела и граѓанското општество.

- Ова е задача за сите, затоа и се вика Национална развојна стратегија. Владата поттикнува да биде што поотворена и поинклузивна дискусијата и сите овие стратешки мерки ќе имаат смисла, само ако ги направиме така да се однесуваат на клучните проблеми и може да се применат во пракса, изјави Маричиќ, порачувајќи дека не ни треба документ што е само список на убави желби кои што тешко се спроведуваат.

Патоказите, посочи Маричиќ, се битни затоа што се утврдуваат сега и ги покриваат темите од Поглавјата 23 и 24, кои остануваат отворени до крајот на преговорите, а обврските што ќе бидат вметнати се долгогодишни.

- Планот во патоказите е седумгодишен, значи до 2030 година, до кога ние бараме да бидат заклучени преговорите и досега имаме позитивен сигнал од страна на Европската Комисија и затоа е важно како ќе ги обликуваме, изјави Маричиќ.

Во текот на овој процес, Маричиќ нагласи дека е побарано од Холандија да испратат свој експерт, кој учествува во Работната група за патоказот за владеење на правото, а имаме и Оценска мисија за работата на Судскиот совет.

-  Очекуваме на крајот од овие два процеси да добиеме извештај од нивната работа. Сето она што ќе ни го дадат како препорака и упатство, планираме да го вградиме во патоказот за владеење на правото, што е еден вид на стратешки документ за следните седум години, изјави Маричиќ.  

Според Маричиќ, не треба да бегаме од проблемите и треба заеднички да работиме на нивно надминување.

-  И за спроведување, повторно треба учество на сите. Имате партнер во Владата, тоа така и ќе остане. Сигурен сум дека со заеднички напори можеме да ја постигнеме целта и членство во ЕУ до 2030 година, но и имплементација на целите за национален развој, кои што ќе бидат вградени во Националната развојна стратегија, изјави Маричиќ.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми, посочи дека очекува конструктивна дебата и да бидат разгледани предложените системски измени и целите и приоритетите што се стратешки.

- Поглавјето 23 е едно од најобемните и најсложени поглавја, додека брзината и времетраењето на приговорите во оваа област директно влијаат врз напредокот во другите аспекти на преговорите со ЕУ. Функционирањето на независно и ефикасно судство има пресудно значење, непристрасноста, интегритетот и високиот стандард при донесување на одлуки од судовите се суштински за заштита на владеењето на правото. Тоа подразбира цврста посветеност за елиминирање на надворешните влијание врз судството и обезбедување на соодветни финансиски ресурси и обука, изјави Адеми.  

Потребно е, посочи Адеми, силна и системска борба против корупцијата и организираниот криминал без, како што рече, пречки и без неказнување, и дека Собранието треба да биде вклучено во овој процес.

Денешната расправа на собраниската Комисија за европски прашања е во рамки на процесот на подготовка на Националната развојна стратегија и има за цел вклучување на политичките партии во процесот на креирање на стратегијата како и отворање на дискусија со претставници од академската фела, граѓанското општество, бизнис-секторот и експерти, за вклучување на различните гледишта во финалниот документ, но и да се обезбеди континуитет во имплементирањето на стратегијата. аа/бак/

Фото: Собрание/принтскрин

Остани поврзан