• понеделник, 23 декември 2024

Маричиќ: Да ги задржиме младите луѓе дома со стекнато знаење од европските образовни институции

Маричиќ: Да ги задржиме младите луѓе дома со стекнато знаење од европските образовни институции

Скопје, 11 април 2024 (МИА) - Првиот заменик-претседател на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска денеска во Битола присуствуваа на отворањето на првиот Еразмус+ инфо центар, на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, информираат од СЕП.

Маричиќ истакна дека отсега во Битола младите од различните региони во државата имаат пристап до место каде директно ќе може да се информираат за Еразмус+ програмата, како една од најуспешните програми во Европската Унија.

- Во овој центар, сите кои сакаат да се вклучат во оваа програма, тука можат да добијат информации како најдобро своите идеи да ги направат дел од можностите за поголема мобилност и на тој начин да се стекнуваат со поголема стручност и надградба соодветно на нивните врсници и колеги од останатите европски земји. Погледот кон Европа и европската перспектива се единствената опција за младите, а Еразмус Плус, како и досега, останува инспирација со широкиот спектар на можности за учениците, студентите, образовниот кадар како и за организациите и институциите, рече Маричиќ.

Тој потенцира дека европската иднина на младите е приоритет на Владата и за остварување на таа цел максимално ги афирмираат придобивките кои се на располагање од членството во оваа европска програма.

- Еразмус Плус програмата, само за оваа година предвидува буџет од повеќе од шест милиони евра за македонските проекти за широк спектар иницијативи за образование, обуки, млади и спорт под исти услови како и младите од земјите членки на Европската Унија, потенцира првиот заменик-претседател на Владата за европски прашања. ир/са

 

Фото: СЕП

 

Остани поврзан