Маричиќ: Ги поттикнувам граѓанските организации и медиумите да придонесат кон градење мостови меѓу Северна Македонија и Бугарија
- Несомнено улогата на медиумите е од исклучително значење, тоа е неопходниот и круцијален линк во процесот на евроинтеграција, порача денеска министерот за правда Бојан Маричиќ на отворањето н
Охрид, 1 јули 2021 (МИА) - Несомнено улогата на медиумите е од исклучително значење, тоа е неопходниот и круцијален линк во процесот на евроинтеграција, порача денеска министерот за правда Бојан Маричиќ на отворањето на панелот „Граѓанското општество и медиумите во процесите за регионална и европска интеграција“, на Првата меѓународна конференција во рамките на Преспа форумот за дијалог.
- Улогата на медиумите е извонредно голема во кршењето на стереотипите и тие треба да бидат своевидна брана против говорот на омраза, хранењето на стереотипите и ширењето на лажните вести. Слободата на медиумите за тие да можат соодветно да ја завршат својата важна општествена улога е регионално прашање. Важна е улогата и на невладините организации во овие процеси. Јас доаѓам од граѓанскиот сектор и многу добро ја знам улогата на овие организации и во градењето на мостови меѓу државите во регионот. Тие можат да бидат катализатор во тешки политички процеси, кој се чести во нашиот регион, истакна Маричиќ.
Во случајот со Преспанскиот договор, како што истакна Маричиќ, граѓанското општество и во Северна Македонија и во Грција одигра важна улога во однос на постигнувањето на Договорот. Тој нагласи дека граѓанските организации ги изградиле мостовите, кои им оневозможиле на политичарите да доминираат со агендата, но, напомена дека тоа не е случај со Бугарија.
- Во спорот со Бугарија со цел наратив доминираат политичарите, а прогресивните медиуми не си ја завршија својата работа. Се надевам дека ова ќе се смени во иднина и ги поттикнувам граѓанските организации и медиумите да придонесат кон градење мостови меѓу нашата држава и Бугарија, порача министерот за правда.
Маричиќ се осврна и на лажните вести и дезинформациите, напоменувајќи дека стереотипите од кои произлегува говорот на омраза во врска со регионалите етноцентрични прашања се погодни за пласирање лажни вести преку електронските медиуми.
- Затоа сметам дека јакнењето на слободата на медиумите ќе донесе нов квалитет и во европската интеграција и во регионалната соработка, рече Маричиќ и додаде дека регионот треба да се обедини во борбата против стереотипите, дезинформациите и корупцијата.
Пред присутните на еден од првите панели на Конференцијата на Преспа форумот со видео порака се обрати и германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, кој истакна дека граѓанското општество треба да игра активна улога во домашните и регионалните процеси, особено во процесот на евроинтеграцијата и тука тие треба да бидат особено ангажирани, особено во политичките и економските процеси.
Рот потенцира дека билатералните прашања, како актуелното со Северна Македонија и Бугарија не треба да бидат препрека за интегративниот процес.
- Искрено жалам што на Советот на ЕУ не се донесе одлука за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија заради ставот на една држава, рече Рот.
Тој нагласи дека без енергично граѓанско општество не може да има функционална демократија и потенцира дека активизмот на цивилниот сектор има многу голема улога во справувањето со остатоците од минатото.
Германскиот министер напомена дека Северна Македонија вложила огромни напори за создавање на мултиетничко општество 20 години по Охридскиот рамковен договор. Рот истакна дека за одржување на овие вредности се потребни слободни и независни медиуми, а непристрасното известување е најдобар начин за борба против внатрешните и надворешните дезинформации.
Флориан Бибер, професор на Универзитетот во Грац Австрија и добар познавач на приликите во регионот на Западен Балкан и грчкиот професор Јанис Армаколас на став дека ЕУ не го исполнила своето ветување до земјите во регионот.
- Недостига фокус на техникалиите. Се бара имплементација на законите и политика на заложба и посветеност и можеме да видиме дека кај некои земји има заложба и посветеност. Но тука земјите членки треба појасно да им ги посочуваат на земјите од регионот проблемите на кои треба да работат, рече Бибер.
Токј ја потенцира и важноста на граѓанското опшество во процесот на евроинтеграцијата, нагласувајќи дека властите не смеат да го напаѓаат цивилниот сектор.
- Земја, која сака да стане членка и ги исполнува правните барања, но има критичен однос кон медиумите и граѓанското општество, тоа не може да го направи, порача Бибер.
Јанис Армаколас, пак нагласи дека Грција е силен поддржувач на пристапувањето на Западен Балкан кон ЕУ, но, како што рече, била двосмислена во однос на тоа, затоа што истовремено ја блокирала Северна Македонија.
- Грција сега е во можност посилно да се залага за ингетрирањето на регионот во Унијата, затоа што го решивме спорот со името. И покрај проблемите во однос на спроведувањето на Договорот, сметам дека Преспанскиот договор ќе остане и оти тоа партнерство ќе опстане, додаде Армаколас.
Меѓународната конференција „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна” се одржува денеска и утре во Охрид и Отешево со учество на околу 300 учесници, високи домашни претставници, но и високи претставници на Европа и САД, меѓу кои премиери, претседатели, министри, генерални секретари на меѓународни организации, европратеници, претставници на граѓанскиот сектор. За настанот се акредитирани над 100 домашни и странски новинари. ац/сп/