• среда, 06 ноември 2024

Манолева: Има подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, но не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет

Манолева: Има подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, но не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет

Скопје, 26 април 2023 (МИА) - Факт е дека пандемијата од Ковид-19 имаше негативен ефект врз процесот на редовна имунизација за деца, како на глобално ниво, така и кај нас. Тоа најдобро го видовме во падот на стапките на имунизација во 2020 и 2021 година, кои беа намалени за сите видови детски вакцини во споредба со просекот од 2015 до 2019 година. Оваа година драго ми е што гледаме дека тој тренд се менува и имаме покачување на националниот опфат. Сите вакцини за деца што се примаат до 12 месеци, со исклучок на пневнококната и рота вакцината, воведени во 2019 година, достигнаа опфат од околу 84 проценти, изјави денеска на прес-конференција д-р Маја Манолева, заменик министер за здравство.

- Пораст на националниот опфат има и МРП вакцината: минатата година за првата доза имавме покриеност од 70.4 проценти, оваа година имаме благо покачување на 70.7 отсто. Втората доза минатата година изнесуваше 80.4 проценти, а оваа година има значителен раст и достигнува над 89 отсто покриеност на национално ниво. Оваа година е забележано и значително покачување на опфатот со ХПВ кој во 2021 изнесувал 35.5 отсто, а оваа година е над 50 проценти, појасни Манолева.

Иако имаме подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, таа потенцираше дека сѐ уште не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет, утврден и со програмата за задолжителна имунизација – 95 проценти на национално и 90 отсто на локално ниво. Токму затоа, како што додаде Манолева, продолжуваат интензивно да работат на оваа тема.

- Кампањата што ја започнуваме денес со нашите партнери УНИЦЕФ, под слоганот „Заштитени заедно - редовните вакцини за деца делуваат“, е токму една од активностите што ќе ни помогнат да допреме до родителите и да ги поттикнеме навремено да ги вакцинираат своите деца. Во неа се вклучени и колеги здравствени работници, педијатри, вработени во вакцинални пунктови, гинеколози кои ги предочуваат опасностите од одложување на вакцинацијата, како и бенефитите од вакцините за деца кои се најефикасниот начин за заштита на нивното здравје. Преку кампањата ја промовираме и новата дигитална платформа Е-здравство, што содржи посебен дел посветен на имунизација и ги интегрира сите информации за вакцините на едно место. Се надевам дека оваа платформа ќе биде корисна алатка за здравствените работници, а родителите ќе можат да ја користат како веродостоен извор на информации, нагласи Манолева.

На почетокот на недела на имунизација, со поддршка од СЗО,  ја започнале и иницијативата за зголемување на достапноста до знаења за вакцинација на локално ниво.

- Организирана е вакцинацијата на лице место „од врата до врата“, преку распоредување мобилни тимови за вакцинација низ целата земја, а во исто време и делење информативни материјали за вакцинација, изработени врз основа на медицината базирана на докази. Овие напори ќе продолжат сѐ додека сите што ги исполнуваат условите за вакцинација, не бидат целосно заштитени, подвлече Манолева.

Таа ги повика сите родители кои имаат пропуштено вакцинација, да го вакцинираат своето дете.

- Редовните вакцини за деца се безбедни и ефикасни, а одложувањето на вакцинацијата ги доведува децата во сериозен ризик од болести што можат да се спречат, истакна Манолева.

Претставничката на канцеларијата на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Патриција ДиЏовани изјави дека кога станува збор за сопствените деца, родителите се соочуваат со многу дилеми.

- Сите ние разбираме дека донесувањето одлука за здравјето на детето е една од најголемите одговорности на секој родител. Но, кога станува збор за вакцинација, не треба да има дилеми. Редовните вакцини за деца се докажано безбедни и ефикасни и секоја година спасуваат 2 до 3 милиони деца од смртоносни болести на глобално ниво. Оваа година УНИЦЕФ ја одбележува својата 30-годишнина во Северна Македонија. Всушност, нашата прва програма за земјата во 1994 година, вклучуваше преземање одговорност за програмата за имунизација на земјата поради прекините во синџирот на снабдување предизвикани од војните во земјите од поранешна Југославија и подоцна меѓународното ембарго. Оттогаш, УНИЦЕФ работи со Владата и партнерите за да се осигура дека секое дете има пристап до вакцините што му се потребни, не само за да преживее, туку и да напредува, рече таа.

ДиЏовани кажа дека за жал, пандемијата со Ковид-19 ги стави под огромен притисок здравствените системи и услуги како на глобално ниво, така и во оваа земја.

- Како последица, се наруши долгогодишниот тешко остварен напредок на полето на редовната вакцинација кај деца – и се случи најголемото континуирано назаднување во последниве 30 години. Како резултат на тоа, 67 милиони деца на глобално ниво пропуштиле редовна вакцинација помеѓу 2019 и 2021 година, а нивоата на покриеност со вакцинација се намалени во 112 земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Драго ми е што гледам дека годинава постпандемискиот тренд на опаѓање на рутинската детска вакцинација во Северна Македонија, постепено се менува и има пораст на стапките на вакцинација за речиси сите дози на детски вакцини. Ова ги вклучува и двете дози на ММР вакцината. Сепак, сè уште сме далеку од посакуваните 95 отсто за да постигнеме колективен имунитет. На пример, националната покриеност на ММР1 е 70,7 проценти и 89,2 отсто за ММР2 – и треба да направиме да биде подобро. Имајќи ги предвид неодамнешните случаи на мали сипаници во земјата и регионот, нагласуваме дека навременото давање на редовните вакцини за деца останува висок приоритет, посочи ДиЏовани.

Таа додаде дека локалните истражувања посочуваат дека најчестата грижа на родителите, кога станува збор за вакцинација, е, стравот од потенцијални несакани ефекти.

- Ве уверувам, редовните вакцини за деца се безбедни и многу ефикасни – имаме докази прибирани со векови за да го поддржиме ова тврдење. Од друга страна, компликациите од болестите од кои овие вакцини ги штитат децата, се многу опасни и можат да доведат до доживотно страдање, попреченост, па дури и смрт. Ги повикуваме сите родители, не ја одложувајте вакцинацијата. Донесете ја најдобрата одлука за вашите деца, заштитете ги, апелираше ДиЏовани.

Горан Кочински, национален офицер за имунизација од Канцеларијата на Светската здравствена организација во Северна Македонија, изрази задоволство што присуствува на настан во рамките на Европската недела на имунизација, „настан од темелно значење и за Светската здравствена организација во годината на таканареченото „Големото надополнување на пропуштеното“.“

- Во текот на оваа година се справуваме со загрижувачкиот пад на опфатот со вакцинација кај децата ширум светот. Многу од причините за овој пад, може да се припишат на влијанијата предизвикани од пандемијата со Ковид-19, но продолжувајќи да се бориме со последиците од оваа разорна болест, важно е истовремено да ги засилиме и нашите напори за контрола и елиминација и на другите болести што може да се спречат со вакцинација. Во европскиот регион на СЗО, како и насекаде низ светот, не вакцинираните и нецелосно вакцинирани лица остануваат изложени на ризик од заразување со болести што може да се спречат, како што се малите сипаници, дифтеријата и детската парализа. Затоа, нашите јавно - здравствени системи мора да останат будни и подготвени за пронаоѓање и следење какви било случаи на болести, што може да се превенираат со вакцинација. Мора и да ги потсетиме жителите на овој регион дека секоја дадена вакцина и секоја доза на вакцина, е важна при спасувањето животи, важна за сопствена заштита и за заштита на најблиските, истакна Кочински.

Од суштинско значење е за родителите, посочи тој, да ја разберат важноста на надополнување на одложени или пропуштени дози на вакцина за своите деца.

- Во исто време, мора да продолжиме со напорите да ги направиме вакцините лесно достапни во Северна Македонија. Сите  партнери во државата во изминатите години работевме на идентификацијата на невакцинираните и нецелосно вакцинираните лица и на олеснувањето на пристапот до вакцините. Во периодот што претстои, СЗО ќе продолжи да ги поддржува напорите на владите за зајакнување на програмите за имунизација, меѓу другото и преку градење на капацитетите за планирање и реализација на вакцинации, управување, следење и оценување на успешноста на едногодишните процеси на вакцинација, поддршка за успешна реализација на Националниот план за вакцинација, воведување на микропланирање за Ковид-19 и рутинска имунизација на ниво на регион и на ниво на здравствена установа во определени пилот области. Оваа година се навршуваат 75 години од основањето на Светската здравствена организација. Работејќи заедно со националните власти и со нашите многубројни партнери во изминатите децении, остваривме голем напредок во европскиот регион во подобрувањето и заштитата на јавното здравје што во голем дел се должи на ефективноста на вакцините, нагласи Кочински.

Имајќи ги предвид сите овие достигнувања, тој рече дека уверени се оти преку континуирано партнерство меѓу Северна Македонија и другите партнери од ОН, ќе ги надминат пречките што ги носи пандемијата со Ковид-19.

- Сигурни сме дека напредокот што го постигнавме во секоја земја и во Европскиот регион во заштитата на децата и возрасните од болестите опасни по живот ќе продолжи и натаму со цел секој да биде заштитен, додаде Кочински. бд/са/

Фото: МИА

Остани поврзан