• понеделник, 23 декември 2024

Манева-Чупоска за МИА: ДЛУМ нема достоинствен простор за работа и галерија

Манева-Чупоска за МИА: ДЛУМ нема достоинствен простор за работа и галерија
Скопје, 12 август 2022 (МИА) - Повеќе од непристојно е една држава која има толку значајно здружение како што е Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), со 75 години постоење и со голема културна и ликовна меморија од генерации и генерации наназад, да нема соодветна галерија и достоинствен простор за работа. Искрено се надевам на сериозно размислување од страна на државата, и освестување дека овој проблем мора да се реши, вели во интервју за МИА претседателката на ДЛУМ, проф. д-р Јана Манева-Чупоска. Во интервјуто што во целост ќе биде објавено утре, Манева-Чупоска потенцира дека Друштвото нема соодветен простор за работа, со оглед на тоа што сега престојува во Домот на АРМ, а појаснува и дека им е потребен галериски простор, каде ќе имаат можност да организираат и да креираат уметнички концепти. -Од своето постоење, ДЛУМ престојуваше на различни места, од прекрасни до крајно недостоинствени. Започнувајќи од просториите на Кале, потоа вселување во одличните простории на кејот на Вардар, каде што ДЛУМ наследи некоректен долг од Градскиот Трговски Центар. Ние се уште имаме огромен долг кој нема можност да го вратиме, така што навистина е многу комплицирана состојбата, но верувам дека сето тоа ќе се реши, додава Манева-Чупоска. Изминатиов период, ДЛУМ има одржано и состанок со Друштвото на писателите на Македонија и Сојузот на композитори, на кој присуствувала и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Министерката, како што посочува Манева-Чупоска, ветила дека ќе помогне да се изнајде решение за пронаоѓање соодветен простор. - Јас се надевам дека и овој пат нема да стане збор само за политички памфлети, затоа што не е првпат Друштвото да ги добива само наративите „не се секирајте, се ќе биде во ред“, „ќе го решиме ова“. Искрено се надевам дека некој ќе смогне сили како министер да го реши нашиот проблем и да ни помогне, затоа што не ни помага само на нас како име и презиме, како претседател или како член, туку помага на културната меморија на Македонија за зачувување на ова Друштво, објаснува претседателката на ДЛУМ. Според неа, ДЛУМ треба да остане сериозно Здружение, кое и во иднина ќе ги гради современите ликовни концепти. -Воопшто не сакам да верувам дека е тешко или комплицирано да се изнајде соодветен простор за ДЛУМ.  Сведоци сме колкави пари одат на крајно погршени места, а се штеди на нешто што треба да остане како сведок и на минатото, на сегашноста и на иднината. ДЛУМ мора да остане како сериозно здружение кое што и во иднина ќе ги гради современите ликовни концепти, додава претседателката на ДЛУМ..бт/бак/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан