• сабота, 23 ноември 2024

„Макстил“ добитник на прва награда за безбедност и здравје при работа

„Макстил“ добитник на прва награда за безбедност и здравје при работа
Скопје, 28 април 2022 (МИА) - Компанијата „Макстил“ е добитник на првата награда за спроведување добри практики за безбедност и здравје при работа за 2021 година. Според Комисијата за евалуација, компанијата е избрана како најдобар правен субјект кој реално и стручно придонел во сопствениот развој, инвестирајќи и имплементирајќи добри практики во безбедни и здрави работни места за своите вработени. Наградата е доделена на одбележувањето на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, а организатори и иницијатори за евалуација на условите за работа во македонските компании се Меѓународната организација на трудот (МОТ) - Канцеларијата во Скопје и Министерството за труд и социјална политика. Од компанијата соопштија дека безбедноста на вработените и создавањето сигурна работна средина е еден од приоритетите што ги имаме во долгорочната развојна стратегија на Макстил. -Тоа опфаќа воведување на цела методологија за континуирано подобрување на производниот процес и за зголемување на безбедноста на вработените. Овие практики и вложувањето во безбедносните системи што ги имплементиравме во изминатите години, позитивно се одразија врз работата на компанијата и врз задоволството на вработените. Добивањето на оваа награда е само уште едно уважување за овие големи инвестиции и препознавање на заложбите на Макстил како одговорна и современа компанија што се грижи и вложува во безбедноста на своите вработени, посочија од „Макстил“. „Макстил“ изминативе години ангажираше меѓународен консултант за подобрување на безбедноста на сите вработени. -Со имплементирање на експертските препораки Макстил значително ги подобри безбедносните перформанси во производните погони на компанијата и воспостави современи безбедносни практики, а сето ова придонесе за подобрување на компаниската безбедносна култура, се наведува во соопштението на „Макстил“.бт/дма/

Остани поврзан