• вторник, 17 декември 2024

Макрон: На Србија местото и е во ЕУ (ДПЛ)

Макрон: На Србија местото и е во ЕУ (ДПЛ)

Белград, 29 август 2024 (МИА) - „Би сакал денеска да испратам порака за пријателство од Франција до Србија и на најодлучен начин да објавам дека на вашата земја местото и е во Европа, во Европската Унија, изјави францускиот претседател Емануел Макрон на заедничката прес-конференција во Белград со српскиот претседател Александар Вучиќ.

- Среќни сме што можевме да се вратиме овде, по мојата претходна посета која ми остана силен спомен. Би сакал да упатам порака на пријателство од Франција кон Србија и најодлучно да изјавам дека вашата земја заслужува место во ЕУ. Во последните пет години многу се промени. Нашето партнерство доживеа нов подем. Француските компании се долгорочно ангажирани на проекти како што се изградбата на белградскиот метро, модернизацијата на аеродромот 'Никола Тесла' или соработката во здравството, наведе тој.

Макрон порача дека Европа има потреба од силна Србија.

- Ќе имам чест да ја посетам и културната установа во Нови Сад. Како да не ја споменам и Олимпијадата. Многу се случи. Имаме многу тензии и војната се врати во Европа со агресијата на Русија врз Украина. ЕУ и нејзините земји членки имаат потреба од силна и демократска Србија. Србија има потреба од силна и суверена ЕУ за да ги брани нејзините интереси. Србија заслужува место во ЕУ и може да игра важна улога и да служи како пример за Западен Балкан, оцени францускиот претседател.

Тој се осврна и на купувањето на борбени авиони.

- Можеме заедно да ја консолидираме стратешката автономија. Тоа го градиме со земјите кои сакаат да се придружат на ЕУ. Изборот на Рафал авиони е јасен избор што претставува волја за долгорочен сојуз. Ја градиме нашата одбрана и сакаме оперативно да бидеме независни, смета Макрон.

На крајот, Макрон зборуваше и за проектите кои се однесуваат на рударството на литиум, но и други минерали во Србија.

- Гледам колку страстите тука се разгорени. Во Франција имаме проекти во оваа област и важно е владите да соработуваат за да бидеме сигурни дека проектите ги почитуваат стандардите за заштита на животната средина. Ние можеме да ви помогнеме, но сите одлуки ги носи Србија. Србија носи независни одлуки, заклучи Макрон. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан