• среда, 18 декември 2024

Лукашенко потпиша нов закон со големи ограничувања за медиумите во државата

Лукашенко потпиша нов закон со големи ограничувања за медиумите во државата

Минск, 24 мај 2021 (МИА) - Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска потпиша закон со кој строго се ограничува дејноста на медиумите во државата и им се дозволува на властите да ги затворат без судски налог.

Новиот закон им забранува на медиумите да известуваат за неовластени масовни настани во живо. Исто така, му овозможува на Министерството за информации да затвори медиум, мерка за која досега се бараше судска пресуда. Нормативниот акт исто така забранува објавување на резултати од неовластено истражување на јавното мислење. На новинарите им е забрането да учествуваат во протести.

- Ова е најрепресивниот закон за медиуми во Европа, со кој работата на новинарите во Белорусија се претвора во минско поле, изјави Андреј Бастунец, претседател на Белоруската асоцијација на новинари.

 Белоруските власти го потврдија апсењето на Роман Протасевич, еден ден откако принудија патнички авион со опозициски новинар да слета во земјата.

Инцидентот беше осуден од Западот и уште еднаш привлече внимание за репресиите на белоруските власти врз медиумите по протестите во земјата против реизборот на претседателот Лукашенко во август.

-Протасевич е во истражен затвор во затвор во центарот на главниот град Минск, изјави вечерва портпаролка на Министерството за внатрешни работи и ги отфрли како лажни тврдењата на мајката на Протасевич до белоруските опозициски медиуми дека нејзиниот син бил хоспитализиран во Минск заради проблеми со срцето.

Остани поврзан