• понеделник, 23 декември 2024

Лога: Жалам што се дозволи да застари уште еден предмет, „Титаник 2”, и тоа за ист обвинет, итно да се преземат реформи

Лога: Жалам што се дозволи да застари уште еден предмет, „Титаник 2”, и тоа за ист обвинет, итно да се преземат реформи

Скопје, 30 март 2023 (МИА) - Министерот за правда Кренар Лога во реакција за случајот „Титаник 2“ изразува  жалење, како што наведува, што се дозволило да застари уште еден предмет и тоа за ист обвинет и повикува сите институциии и организации итно да преземат мерки за брзи реформи. 

Лога наведува   дека веднаш по стапувањето на функцијата министер за правда, испратил дописи до Судскиот совет, Советот на јавни обвинители и Јавното обвинителство на 14 март годинава каде,  предупредил  и побарал поефикасно и невремено преземање мерки со цел спречување вакви и слични ситуации на застарување судски предмети преку одложувања на судските процеси.

-Жалам што се дозволи да застари уште еден предмет „Титаник 2 и тоа за ист обвинет. И покрај мојата заложба да не се мешам во независноста на судската власт, принуден сум да реагирам, да ги повикам сите институции и организации итно да преземат мерки за брзи реформи. Ваквите случаи не му одат во прилог на развојот на општеството туку напротив, со штетата која ќе ја предизвикаат уште повеќе ќе ја поткопаат довербата на граѓаните во целиот  систем, вели министерот Лога  во реакцијата. 

Апелацискиот суд Скопје  денеска ја одложи седницата за „Титаник 2“ за 13 април поради отсуство на дел од обвинетите, кои биле неуредно поканети.
 
На седница во Апелација за жалбите по првостепената пресуда за повторената постапка за случајот „Титаник 2“, присутни беа само Сашо Мијалков и Бедредин Ибраими, кој рече дека не добил покана, но дознал по допрен глас и дошол на седницата. Не беа присутни лидерот на ДПА Мендух Тачи и членовите на ДИК Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, кои судот констатира дека биле неуредно поканети.
 
На 23 јануари годинава, Основниот кривичен суд ги прогласи за виновни и им изрече вкупна казна од 12 години затвор на обвинетите во повторената постапка за случајот „Титаник 2“, кој се однесува за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година во Општина Струмица.

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за стореното кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“ судот го осуди на казна затвор во траење од две години, во која се пресметува и времето поминато во притвор. Кривичното дело на Мијалков за „примање награда за противзаконито влијание” застарува на почетокот на април.

Основниот кривичен суд во Скопје на 8 март 2019 година на обвинетите во случајот „Титаник 2“ им изрече вкупно 19 години и осум месеци казна затвор, но Апелациониот суд Скопје во ноември 2019 година, поради суштествени повреди на постапката, ја укина првостепената пресуда и случајот го врати на повторно одлучување.лв/бак/

фото МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан