• петок, 22 ноември 2024

Литија со моштите на „Свети Георгиј Победоносец“ во Струга

Литија со моштите на „Свети Георгиј Победоносец“ во Струга

Струга, 7 мај 2023 (МИА) – Моштите на Свети Ѓеоргиј Победоносец, неговата чудотворна икона и Крнинската икона на Богородица денеска повторно ја осветија Струга.

На раскошно украсен епитаф носени од четворица угледни граѓани, придружувани од локалното свештенство и братството и сестринството од Бигорски, манастирите во Рајчица и Пречиста, со традиционалните торжества тргнувајќи од храмот Свети Георгиј, поминаа низ струшките улици, покрај кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата движејќи се во Литија со многу бројните верници внесоа радост кај православните верници. На литијата и годинава учествуваа голем број верници од државава и странство. 

Според сестра Ефимија од манастирот во Рајчица, од каде што пристигаа моштите на светецот, Струшката Еордија прерасна во еден сенароден настан и направи грдот Струга да биде препознаен во целиот свет.

-И оваа година повторно не собра во огромен број обединети во еден ист радосен дух и со иста мисла и цел. Неуморно и непоколебливо да продолжиме да бидеме креатори на се што е добро. Да воспитуваме, да љубиме, да ја сакаме убавината цврсто верувајќи дека само таа може да го спаси светот, изјави за МИА сестра Ефимија.

Летка Филипова, учесничка во Литијата, вели дека настанот  е можност да се видат многу среќни луѓе, што е реткост.

-Неколку години сум сведок на овој голем настан и имам за право да кажам дека реткост е денес, во денешно време, да сретнеш толку луѓе со среќни лица. Верувам дека секој би посакал да присуствува на оваа голема Литија кога ќе го почувствува благодетот од Свети Георгиј, изјави Филипова. 

И учесниците во сејменската гарда со радост споделуваат дека и оваа година, како што истакнуваат, светиот Великомаченик и победоносец  Георгиј не сплоти и со огромна благодат и со неизмерна радост. 

-Да се возљубиме сите едни спрема други безрезервно, како што Свети Георгиј го возљуби Христос, единствено само преку тоа ќе не препознаат дека сме христијани, вели еден од учесниците во гардата.

Традиционално, моштите беа носени од четворица видни граѓани, придружувани и чувани од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на кој е претставен ликот на Свети Јован Крстител. Зад сердарите одеше сејменската гарда, чии членови исто така беа облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Свети Георгиј Победоносец.

Моштите на Свети Ѓеоргиј Победоносец, неговата чудотворна икона и Крнинската икона на Богородица  претходно беа поставени за поклонение во храмот „Свети Георгиј“ во Струга, по што беше отслужена ктиторската вечерна богослужба и стартуваше литијата.сс/лв/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан