• четврток, 26 декември 2024

Лидер/ка на училиште, лидер/ка во иднината: Неопходна е реформа на моделот на ученичките заедници за да станат вистински глас на сите млади

Лидер/ка на училиште, лидер/ка во иднината: Неопходна е реформа на моделот на ученичките заедници за да станат вистински глас на сите млади
Скопје, 26 септември 2021 (МИА) - Потребен е нов модел на ученичко организирање кој ќе може да се имплементира подеднакво во сите училишта низ земјава. За ученичките заедници односно советите на учениците да бидат вистинскиот глас на младите и нивните потреби, треба сите средношколци во училиштето директно да ги избираат претседател(к)ите на овие тела. На овој начин ученичките заедници ќе станат место кое ќе ги поттикне младите да размислуваат покритички и сами да одлучуваат за својата иднина. Ова е заклучокот од панел дискусијата „Какви новини се потребни во средношколското организирање?“ во организација на Сојузот на средношколци и Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи. На првата панел дискусија, како што соопштија денеска од Сојузот на средношколци и Институт за добро управување и ЕА перспективи, дебатирале Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци, Ана Попризова, училишен психолог во СУГС „Орце Николов“, Елена Данова, младинска работничка во Еквалис, Иван Јованов, извршен директор на LEAD и Јовица Јанковиќ, претставник на ИДУЕП. Актуелниот претседател на Средношколскиот сојуз,Павиќевиќ, смета дека двата главни проблеми со кои се соочуваат сегашните ученички заедници е како да го зголемат учеството и да ги мотивираат учениците, но и недостаток на законска рамка што дозволува една ваква заедница да биде слободна и способна таа да ги претставува интересите на учениците. Тој посочил дека има активни гимназии со изградени активни ученички заедници, но во други училишта воопшто не постојат ученички тела или пак тие се воспоставени од страна на директорот, или од страна на професорите. Во однос на тоа како да се поттикнат младите да се активираат, Павиќевиќ дава конкретен предлог. - Ако сакаме некого да мотивираме и некој да има доверба – главен аспект треба да биде вклученоста. Најдобро решение за проблемот е да се направи реформа во самата структура на избирање на ученичката заедница. На пример, учениците и понатаму да ги избираат претседателите на своите класови, но претседателот на ученичката заедница, што треба да ги претставува сите ученици во едно училиште, да се избира од сите ученици, а не како што е моментално, да се избира само од претседателите на класовите. Вака би се создал убав демократски систем, со зголема легитимност, а самите ученици ќе бидат поактивни, и ќе анализираат и размислуваат за изборот, објаснил Павиќевиќ. Истражување на здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) пак покажало дека 84 проценти од младите не се ангажираат бидејќи не веруваат дека може да направат нешто и да влијаат во општеството, а 56 проценти од учениците никогаш не ги следат политичките и општествените настани во земјата. Ова за Иван Јованов, извршен директор на ЛЕАД, стои во соопштението, е загрижувачки факт бидејќи така ќе имаме млад човек на 18 години кој има можност да гласа, а е незаинтересиран и не знае што се случува надвор од училиштето. Според него, ученичкото учество и демократија е важно за да произведеме една свесна, информирана индивидуа која би се вклучила во општествените текови. Ова е важно, потенцира, бидејќи еден млад човек на 18 години треба да гласа. - Ако имаме неквалитетен кадар, ќе имаме и неквалитетни ученици. Затоа мора да се работи и со наставниците. Ако успееме да ги зајакнеме со вакви реформи во средношколското организирање, тогаш можеме да зборуваме дека секаде ќе може да се имплементира ваква реформа, забележува тој. Елена Данова, младинска работничка во здружението Еквалис посочила дека е многу важно младите да ја разберат демократијата во поширока смисла, односно важноста од учество и активизам во општеството, како и да се поттикне поголема еднаква родова застапеност и поголемо учество на девојчињата и жените на сите нивоа на училишно организирање. Данова дака пример дека на работилниците кои тие ги одржале со ученици со симулација на избори за повеќемина тоа било сосем ново. - И покрај тоа што изучуваат предмети како граѓанско образование, учениците не знаат како сето ова изгледа во пракса. Се учат теоретски концепти, но генералниот впечаток е дека тие ученици кога ќе наполнат 18 години и ќе треба да излезат на избори и да гласаат, се збунети и немаат вовед во процесот. Работејќи со учениците денес, укажувајќи им низ практични примери и симулација на процесот, придонесуваме граѓаните кои утре ќе гласаат, да знаат како оди целиот процес и да бидат способни да ги проценат кандидатите за кои би гласале и зошто, рекла Данова и додала дека по обуката дел од учениците се охрабриле да се кандидираат за претседатели во своите класови па дури изборот го спровеле во подемократски манир. Училишниот психолог Ана Попризова пак посочила дека е многу важно да се зајакнуваат капацитетите на учениците најпрво да имаат сопствен интегритет, за да може ученичките заедници да бидат вистински глас на младите и нивните потреби. - Во училиштата треба да работиме да се поддржат учениците и ученичките заедници за да бидат одраз на младите. Ученичките заедници не може да функционираат само на ниво на организација на учениците. Мора да се работи и со наставниците. Бидејќи и наставниците што имаат предрасуди, што немаат доволно познавања, што имаат ограничен демократски капацитет, треба да бидат поддршка на учениците. Сега недостасува реалната поддршка од наставниците, смета Попризова. Како што стои во соопштението, таа предлага и ангажманот во ученичките здруженија да добие признание и валоризација како ученик кој освојува награди на натпревари. - Еден поактивен член на ученичката заедница не е никако валоризиран од образовната заедница. Се признава ученик кој учествува на натпревари – добиваат пофалници и награди. Но, оние ученици кои биле вистински лидери на своите генерации и училишта по некои критериуми на награди не можеле да конкурираат ниту за првенец на генерација. Тоа покажува колку нашиот систем и општество ги валоризира односно не ги препознава. И тоа делува демотивирачки за учениците. Предлагам ова да влезе во некој систем на препознавање и валоризација. Тоа би влијаело и за поголема мотивираност за учениците за ученички активизам, вели Попризова. Јовица Јанковиќ од ИДУЕП истакнува дека е време младите да се вклучат во сите општествени процеси поради тоа што самите тие носат нови, прогресивни и свежи идеи кои се потребни за утрешното функционирање на нашата земја. - Ако државата нема слух за младите, тогаш станува јасно дека голем број од нив ќе ги изгубиме во странство. Време е тоа да го спречиме. Токму со ваквите активности, ИДУЕП и Сојузот на средношколци со заеднички сили започнуваат дискусија со цел поттикнување и градење на млади лидери уште од најрана возраст. Сакаме да покажеме дека утрешните лидери се наоѓаат уште денес во училиштата ширум земјава. Да им помогнеме, односно да поттикнеме создавање на вистински лидери со нова и свежа енергија кои утре ќе создадат просперитетна држава, земја која ќе нуди услови за младите да останат и заедно да ја изградат во држава која нуди еднакви и големи можности за секоја индивидуа, рекол Јанковиќ на панел дискусијата „Какви новини се потребни во средношколското организирање?“. Оваа панел дискусија е дел од заедничката иницијатива на Сојузот на средношколци (ССРСМ) и Институтот за добро управување и ЕА перспективи (ИДУЕП) насловена „Лидер(ка) на училиште, лидер(ка) во иднината“ која има за цел да вклучи широк фронт на индивидуи и организации со цел дебата и заедничко изнаоѓање на најдобриот модел за реформа и подобрување на моменталниот начин на средношколско организирање во училиштата, како и на национално ниво. цр/ев    

Остани поврзан