• петок, 22 ноември 2024

Летен регионален семинар во Струга за професори по француски јазик

Летен регионален семинар во Струга за професори по француски јазик

Скопје, 26 јуни 2023 (МИА) - Летниот регионален семинар во Струга во организација на Францускиот институт во Скопје, за обука на професори по француски јазик, денеска ќе биде официјално отворен од министерот за образование и наука Јетон Шаќири и францускиот амбасадор во нашата земја Сирил Бомгартнер.

Семинарот, кој оваа година се одржува 24-ти пат по ред, ќе трае од денеска до 30 јуни, а опфаќа педагошка обука за професори по француски јазик од повеќе земји во регионот. Тој се организира во соработка со француските амбасади и институти од земјите во регионот.

- Обуката предвидува педагошки работилници наменети за професорите од земјава, но и од поширокиот регион, односно Албанија, Србија, Косово, Црна Гора, Бугарија, Романија, Молдавија, Грузија и Ерменија. Главни цели на обуката се: истакнување на видливоста на францускиот јазик, зајакнување на неговото место во образовните системи на земјите на учесниците, создавање на вистинска кохезија меѓу учесниците, како и остварување богати меѓусебни размени на професионални искуства меѓу професорите по француски и професорите кои предаваат нејазични дисциплини на француски јазик од Југоисточна Европа. Овогодишното издание на Летниот регионален семинар во Струга ќе го проследат повеќе од стотина учесници, известуваат од Францускиот институт во Скопје.

Оттаму посочуваат дека обучувачите се експерти од Франција и ќе анимираат работилници на актуелни тематики врзани за наставата на и по француски јазик во рамките на образовниот систем. Работен јазик на семинарот е француски. ир/вг/

 

Фото: Францускиот институт- Скопје

 

Остани поврзан