• петок, 22 ноември 2024

Левица: Македонија повторно на страна на израелскиот окупатор – гласаше воздржано во ООН

Левица: Македонија повторно на страна на израелскиот окупатор – гласаше воздржано во ООН

Скопје, 20 септември 2024


Пред два дена на генералното собрание на ООН со мнозинство гласови беше поддржана палестинската резолуција за ставање крај на израелската окупација. Македонија се ВОЗДРЖА од гласање - застанувајќи на страната на окупаторот, на штета на угнетениот народ. Воздржаниот глас на нашата држава во Генералното собрание на ООН не е само дипломатска неутралност, туку отворено предавство на палестинскиот народ и срамно прекршување на македонските вредности за правда и солидарност.

Кога СДС ја осветли зградата на Владата со боите на израелското знаме, тие испратија јасна порака дека поддржуваат агресија, а не човекови права. Денешната власт предводена од ДПМНЕ не е ништо поразлична – истата покорност, истите компромиси со цел да ги задоволат нашите НАТО "пријатели". Претседателката Силјановска, која седна на маса со израелската амбасадорка и ги оправда израелските акции како „одбрана од терористички закани“, го игнорира историското страдање на палестинскиот народ и се става на страната на окупаторот.

Сите НАТО членки се изјаснија како воздржани на ова гласање. Поддршката за агресивни режими не е изолиран инцидент. Таа е дел од пошироката стратегија на НАТО – воената алијанса, која ја користи моќта за ширење геополитички влијанија по цена на човековите права и суверенитетот на народите. Како земја која стана членка на оваа алијанса, Македонија се повеќе се оддалечува од својата историска позиција на солидарност со угнетените.

Левица стои против ваквите воени сојузи, кои не носат мир, туку војна и дестабилизација низ светот. Од оваа Влада која говореше за демократски и хуманистички принципи, сега гледаме само покорување пред западните сили и откажување од моралната одговорност. Воздржаноста на Македонија не е ништо помалку од директна поддршка на окупацијата.

Го осудуваме ова скандалозно гласање и го повикуваме министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски да ја преиспита оваа одлука во однос на палестинската Резолуција.

Потсетуваме дека Левица во Собранието поднесе Декларација за солидарност со палестинскиот народ и осуда на израелската окупација. Преку овој акт, нашите пратеници бараат осуда за воените злосторства и политиките на апартхејд што Израел ги спроведува врз Палестинците, како и признавање на независната палестинска држава со воспоставување дипломатски односи на ниво на амбасади.

Со почит, 
Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица 

_______________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото: МИА архива 

Остани поврзан