Левица: Борбата за достоинствен живот и еднакви можности на слепите и слабовидите лица не е завршена
- Меѓународниот ден на белиот стап, 15 октомври, е само причина да потсетиме дека борбата за достоинствен живот и еднакви можности на слепите и слабовидите лица не е завршена. Белиот стап е симбол на независноста на слепите лица, но и на отпорот кон системот кој ги маргинализира, стои во соопштението на Левица, што МИА го пренесува интегрално.
Скопје, 15 октомври 2025 (МИА) - Меѓународниот ден на белиот стап, 15 октомври, е само причина да потсетиме дека борбата за достоинствен живот и еднакви можности на слепите и слабовидите лица не е завршена. Белиот стап е симбол на независноста на слепите лица, но и на отпорот кон системот кој ги маргинализира, стои во соопштението на Левица, што МИА го пренесува интегрално.
Во општество во кое доминираат класни разлики, а лицата со попреченост се оставени на милост и немилост на минимални државни дотации, должноста на левичарското движење е јасна: да се избори за радикална еднаквост, достапност и инклузија.
АФЖ - Левица предлага конкретни мерки:
- Бесплатен и достапен јавен превоз за сите лица со оштетен вид, со посебен фокус на достапност на информации во звучен и тактилен формат (брајово писмо, аудио),
- На сите шеталишта, тротоари и јавни површини да се постават тактилни патеки за слепи лица;
- Звучни семафори и визуелно-контрастни ознаки како стандард, не како исклучок;
- Достојна државна поддршка за независно живеење - финансиска поддршка и пристап до лични асистенти и сервисни служби;
- Радикална достапност на јавните простори преку урбанистичко уредување со тактилни патеки, звучни семафори и адаптирани јавни институции;
- Квоти за вработување на лица со оштетен вид во јавниот сектор, заедно со достапни алатки за учење и работа;
- Посебна поддршка за жените со попреченост, кои се двојно дискриминирани: и како жени и како лица со попреченост;
- Инклузивни библиотеки - во сите јавни библиотеки да се отворат звучни катчиња (со аудио-книги и уреди за слушање),
- Обезбедување на книги на Брајово писмо и тактилни сликовници за деца со оштетен вид.
Од АФЖ - Левица порачуваме: Популизмот и еднодневните кампањи нема да го решат системскиот проблем. Нема правда без социјална правда! Нема слобода без достапност!
Борбата на лицата со оштетен вид е и наша борба!
Сектор - медиуми и односи со јавност при ПП Левица
Фото: МИА архива