• понеделник, 23 декември 2024

„Лајка“ вдоми кучиња во Германија, Белгија и Шведска

„Лајка“ вдоми кучиња во Германија, Белгија и Шведска
Скопје, 22 септември 2021 (МИА) - Новите вдомувања од „Лајка“ во Германија, Белгија и Шведска се само патоказ дека сме на вистинскиот пат, а на претпријатието му дадоа нова душа, информираа од ЈП „Лајка“. Досега „Лајка“ има вдомено над 150 кучиња во земјава и во странство. - По успешната кампања на јавното претпријатие за вдомување на бездомни кучиња во нашата земја, мисијата продолжи во САД, а сега веќе и низ Европа. Бројот на бездомни кучиња на улиците и трендот на напуштање миленици се трудиме да го претвориме во тренд на вдомување и одговорно сопствеништво, потенцираат од „Лајка“. Од претпријатието нагласиваат дека миленикот треба да биде член од семејството, како и дека чувањето куче претставува сериозна одговорност. Затоа, како што потенцираат оттаму, само оние кои се навистина подготвени да се посветат на чувањето миленик може да се најдат на нивната листа на вдомувачи. - Да вдомите куче од „Лајка“ е највисок акт на хуманост, соработка и доверба во нашата институција. Награда за нашиот труд, пожртвуваност и посветеност. Од прв ден срцето на „Лајка“ чука како едно на сите нас членови од тимот и секое едно куче кое го поминало прагот на прифатилиштето. Нашата работа менува судбини, спасува животи и допира до сечија душа. Нашите приказни се вистински, од скопските улици, тажни, но со среќен крај. Нашето работно време нема време за чекање, празник, нема ноќ и викенд. Кај нас секое куче станува член на нашето семејство, кое од ден на ден расте и се зголемува, посочија од „Лајка“. Од претпријатието упатуваат бескрајна благодарност до сите нивни поддржувачи, вдомувачи, фостери, здруженија, донатори, волонтери, како и до градската управа која, како што истакнуваат, влегла во оган со нив и на сите дежурни критичари. см/сп/

Остани поврзан