• вторник, 05 ноември 2024

Лани пријавени 433 деца во судир со законот, 307 осудени

Лани пријавени 433 деца во судир со законот,  307 осудени

Скопје, 31 мај 2024 (МИА) -  Во 2023 година во однос на 2022 година, бројот на пријавени деца во судир со законот – сторители на кривични дела е намален за 8,5 проценти, а бројот на осудени деца во судир со законот – сторители на кривични дела е зголемен за 17,2 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). 

Пријавени се 433 деца во судир со законот,  при што во 287 случаи е поднесен предлог за изрекување казна/мерка, за 110 не еповедена постапка, а за 36 е запрена постапката. 

Вкупно се осудени 307 деца на возраст од 14 до 18 години, од кои 120 за кривични дела против имотот, 70 за кривични дела против јавниот ред, 43 за кривични дела против животот и телото, 37 за кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај,...

Изречени се 100 мерки на деца на возраст од 14 до 16 години во судир со законот, односно 67 мерки за засилен надзор, 29 дисциплински мерки, а четири заводски мерки.

Од вкупно 207 мерки за деца на возраст од 16 до 18 години, четири се затвор, а 207 се воспитни мерки, од кои 120 за засилен надзор, 79 дисциплински постапки, четири заводски мерки. 

Според ДЗС, бројот на пријавените полнолетни лица – познати сторители во 2023 година, во споредба со 2022 година, е намален за 6,9  проценти. Во наведениот период, бројот на осудените полнолетни лица е намален за 16 проценти, а бројот на обвинетите лица е намален за 15,8 проценти.

Од  вкупно 11574 пријавени полнолетни лица во минатата година, најмногу се за кривични дела против имотот,  3040 и против безбедноста на јавниот сообраќај 2476.

Регистрирани се 973 кривични пријави за дела против животот и телото, 690  против слободите и правата на човекот и граѓанинот, 675 против бракот и семејството, 349 против јавните финансии и платниот промет,  82 за кривични дела против половата слобода и половиот морал. лв/бак/

Фото: МИА архива 

 

 

 

 

Остани поврзан