• петок, 22 ноември 2024

Курти: Не сме за привремени документи, го правиме истото што Србија го прави со нашите граѓани

Курти: Не сме за привремени документи, го правиме истото што Србија го прави со нашите граѓани

Приштина, 30 јули 2022 (МИА) – Косовскиот премиер , Албин Курти изјави дека Владата која тој ја води никогаш не била за тоа да се воведат привремени документи за српските граѓани кои влегуваат на територијата на Косово, но дека го прави тоа што Србија постојано им го прави на косовските граѓани, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во обраќање пред новинарите на приштинскиот аеродром по пристигнувањето од САД, Курти рече дека мерките кои стапуват во сила во понеделник во однос на српските граѓани кои влегуваат во Косово се исти со оние кои важат за косовските граѓани кога влегуваат во Србија.

- Ние не би ги претпочитале таквите документи. Меѓутоа, ако нашиот граѓанин добива таков документ, тогаш истиот треба да го добие и српскиот граѓанин. Исто како што не бевме ниту за привремените таблички, но додека има такви за нашите граѓани кога влегуваат во Србија, потребно е да има и за српските граѓани кога влегуваат во Косово, изјави Курти.

Од понеделник, 1 август, граѓаните на Србија кои влегуваат во Косово ќе добиваат влезно-излезна лиценца на сите гранични премини, како што тоа повеќе од десет години се прави со косовските граѓани кои влегуваат во Србија.

Исто така, од 1 август почнува обврската за промена на српските регистерски таблички за косовските возила, означени со КМ (Косово и Метохија), со косовски регистерски таблички со ознаката РКС (Република Косово).

Мерките наидоа на остри реакции од страна на официјален Белград, како и на претствниците на косовските Срби. иа/паг/

Остани поврзан