• понеделник, 23 декември 2024

Кулеба за кинескиот мировен план: Ѓаволот е во деталите

Кулеба за кинескиот мировен план: Ѓаволот е во деталите

Њујорк, 22 февруари 2023 (МИА) – Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска изјави дека знае за клучните елементи на кинескиот мировен план, но оти ќе треба да го види целиот документ пред да формира мислење.

- Не знам дали има такво нешто во Кина, но во Европа, ја имаме изреката дека ѓаволот се крие во деталите, рече Кулеба во Њујорк пред отворањето на специјалната седница на Генералното собрание на ОН по повод одбележувањето на годишнината од руската инвазија врз Украина.

Украина има свој мировен план, рече тој, кој е поддржан од многу земји.

- Тоа ќе остане наш главен приоритет, но подготвени сме да разговараме со оние кои имаат идеи, додаде тој.

Кина соопшти дека наскоро ќе го претстави планот за намалување на тензиите во војната, заснован на принципот на територијалниот интегритет на Украина, без да даде други детали.

Една година по почетокот на војната, се очекува Кулеба да претстави резолуција до Генералното собрание со која се повикува на мир и повлекување на Москва, пренесе ДПА.

Се очекува Собранието да гласа утре. На настанот се очекуваат десетици говори на високи говорници, меѓу кои и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли и германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок. јт/

Фото: Твитер профил на Кулеба

Остани поврзан