• четврток, 21 ноември 2024

Кузеска: Наим Рамука, а не раководителот на смена е тој што одобрил незаконско поминување на граница

Кузеска: Наим Рамука, а не раководителот на смена е тој што одобрил незаконско поминување на граница

Скопје, 21 август 2024 (МИА) - СДСМ тврди дека раководителот на смена не е одговорен за пропуштањето без евиденција на свадбената поворка на претседателот на Собранието Африм Гаши на граничниот премин Блаце, како што информира МВР. Според информациите на партијата, наредбата ја издал новоназначениот началник на Центарот за гранични работи Север, Наим Рамука. Поради ова, од СДСМ бараат оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. 

-Вчера, СДСМ им даде рок од 24 часа на Тошковски и МВР да бидат чесни и да објават како дошло до овој скандал и кој е вистински одговорен за тоа. Наместо Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ да се охрабрат, кога веќе секако се фатени во скандалот и мораа да го признаат, тие се обидуваат одговорност да му ја натоварат на раководителот на смена на граничниот премин Блаце. Овој човек не е тој кој дал наредба да бидат пропуштени Гаши и сватовите без контрола. Затоа, СДСМ денес ќе ги објави сите податоци од свиркачите и ќе се дознае дека ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски лажат и се обидуваат да го скријат вистинскиот кривец и извршител во скандалот, изјави на денешната прес конференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска. 

Според нивните информации, наредбата ја издал новоназначениот началник на Центарот за гранични работи Север, Наим Рамука. 

-Согласно информациите кои ги добивме, еден час пред да поминат Гаши и сватовите, Наим Рамука заради наводна контрола, дошол на граничниот премин. Во суштина Рамука дошол за да го обезбеди поминувањето без контрола на Гаши сватовите. Наим Рамука е човекот кој одобрил ваков излез од државата, а потоа и влез при враќање на поворката. Не човекот кој го обивнува Тошковски, раководителот на смена на Блаце, туку Рамука кој токму Тошковски го поставил за Началник на Центарот за гранични работи Север, рече Кузеска.

Таа праша зошто Тошковски сака да го заштити Наим Рамука и како што рече го „мести“ раководителот на смена но и дали Тошковски повторно ќе се обиде да излаже и да го заштити својот нов началник на сметка на чесни луѓе кои си ја работат работата.

-До кога ќе траат лагите на МВР и ВМРО-ДПМНЕ? Ќе си поднесе ли конечно Тошковски оставка? Ова е голем скандал кој не значи само тешка злоупотреба на граничниот премин, туку и своеволие, прекршување на законите и потенцијлно направени кривични дела кои допрва треба да се истражуваат. Безбедноста на границите ни е нарушена а граничната контрола целосно суспендирана и ставена под партиска команда на ВЛЕН и ДПМНЕ. Ова е недозволиво и опасно за државата членка на НАТО.Време е за одговорност, онаму каде што вистински е лоцирана, почнувајќи од министерот Тошковски па се до крај, рече таа.

Кузеска праша и уште колку вакви примери има на злоупотреби, за пропуштање на возила и лица на граничниот премин без контрола.

Затоа од СДСМ бараат целосно да се декласифицираат и да се објават снимките од граничниот премин Блаце за време на целиот ден и како што велат граѓаните да видат кој се поминал без контрола но и да се види дали и други возила се пропуштаат на граничниот премин Блаце. Тоа, рече Кузеска, ќе биде основа и за истражните органи да постапуваат. Затоа, според неа, бараат Тошковски да си даде оставка. На тој начин, додава,  ќе остави простор истражните органи, Јавното обвинителство, во транспрентна постапка и без притисок да ја утврди одговорноста на сите инволвирани во овој голем скандал. сст/са/

фото СДСМ



 

 

Остани поврзан