• недела, 22 декември 2024

Куарем квартет и Европскиот креативен оркестар при институтот ФАМЕ’С со концерт во Филхармонија

Куарем квартет и Европскиот креативен оркестар при институтот ФАМЕ’С со концерт во Филхармонија
Скопје, 21 октомври 2022 (МИА) - Во камерната сала на Филхармонија вечер ќе се одржи концерт на Европскиот креативен оркестар при институтот ФАМЕ’С и квартетот Куарем. На концертот ќе бидат изведени специјално оркестрирани композиции напишани од членовите на Куарем квартет и музика чијашто инспирација се танците од целиот свет. Гости на концертот се светски познатата перкусионистка и вокал Наташа Роџерс и вокалистката Зарина Првасевда. Овој проект е дел од вториот семинар на институтот ФАМЕ’С наменет за млади музичари од различни европски земји и од нашата држава, во чии рамки овие млади луѓе имаат можност да го усовршат своето знаење во делот на оркестарското свирење и музицирање, да се запознаат со различни стилови во областа на симфониското музицирање, како и филмската и медиумската индустрија. Семинарот се одвива во студиото ФАМЕ’С во Скопје, место на средби на меѓународни уметнички експерти и талентирани класични музичари од земјите учеснички во програмата на Креативна Европа, како и од нашата држава, во чиишто рамки учесниците имаат можност да работат со врвни диригенти, ментори и уметници и уникатна можност да се здобијат со знаење кое може да им помогне во нивната понатамошна професионална кариера како музичари. -Како дел од проектот оваа година се одржаа неколку семинари, каде се работеше на класичната, филмска и хибридна музика, Carte Blanche како и мастерклас за студиско снимање. Во нивни рамки се одржаа неколку концерти и тоа во Скопје, концертот во Филхармонија, раководен од Маестро Бенџамин Шварц, потоа концертот во соработка со ECSA (европската асоцијација на композитори) кој се одржа во Сплит, на специјалниот настан на доделување на Камил наградите, како и концертот на филмска музика во Сплит, раководени од Маестро Тимоти Редмонд, соопштија од Филхармонија. Оваа година оркестарот на ФАМЕ’С Институтот во партнерство со Скопскиот Џез Фестивал, настапи на отворањето на годинешното издание на фестивалот, заедно со музичката ѕвезда Роб Мазурек и неговиот Експлодинг стар оркестра. Мазурек беше дел и од вториот семинар со Carte Blanche мастерклас. Овој проект е ко-основан од Креативна Европа со поддршка на Европската Комисија, како дел од проектот Паневропски културни ентитети 2021-2027 година.бт/са/

Остани поврзан