• петок, 22 ноември 2024

Кривопаланчанката Михаела Алексовска нова спортска надеж на македонската женска кошарка

Кривопаланчанката Михаела Алексовска нова спортска надеж на македонската женска кошарка
Крива Паланка, 31 август 2021 (МИА) - Шеснаесетгодишната Михаела Алексовска од  КК Крива Паланка и кадетска репрезентативка е новата спортска надеж на македонската женска кошарка. Алексовска се закити со големото признание најкорисен играч - МВП на неодамна одржан   иот „ФИБА Челенџ турнир“ во Т'билиси, Грузија од каде златните девојки од репрезентација на Република Северна Македонија до 16 години се вратија со најсјајните одличја. Оваа репрезентација веќе неколку години го привлекува вниманието на кошаркарската јавност во земјава со компактната екипираност на талентирани млади девојки кои допрва ќе го имаат својот збор на кошаркарската сцена во државата и регионот, а како што навестуваат судејќи по резултатите што ги остваруваат, особено последните од Грузија, овие девојчиња многу сериозно го трасираат патот и кон сениорската репрезентација. Меѓу нив, Алексовска, чекорејќи успешно и цврсто на тој пат, ја оправдува довербата на тренерите и селекторот, во полн сјај прикажувајќи својот кошаркарски потенцијал. Михаела, честитки, го освои признанието за најкорисен играч МВП, знаејќи дека со своите настапи го привлече вниманието врз себе со 25.8 поени  по натпревар и беше најдобар стрелец на турнирот во Грузија, на сите Челинџери што се одржаа во истиот период заврши како второпласирана на листата на стрелците од околу 260 кошаркарки во Европа, а беше шесто место на листата на кошаркарки со најдобар индекс, со 20,3 по натпревар. Какви се твоите импресии? - Овој турнир за мене, за целиот тим од репрезентацијата, беше еден голем предизвик, но и едно незаборавно искуство и доживување кое пред се е препознатливо по хемијата што владееше помеѓу нас, како играчи и со стручниот штаб кој силно не мотивираше. Како и сите останати, носам силни импресии од овој турнир, каде во секој момент бевме на висина на задачата, императив беше победата, а ние остваривме максимален учинок од четири победи. Во сето тоа мојот придонес беше дел од големиот успех, освојување на турнирот без ниту еден пораз. Секогаш играм со срце, тоа е она што ме одликува како играч, кошарката е тимски спорт, најважно е да можеш да дадеш придонес кон целиот колектив со кој се подобри не само твоите перформанси, туку и на сите други соиграчи. За тоа говорат, покрај моите поени, остварените бројни асистенции, украдени топки и скокови под обрачите, зашто цело е кога има се. Ова е големо признание за мене, кое ме мотивира уште повеќе да продолжам да се доусовршувам за да можеме и во иднина да ја радуваме целата нација, бидејќи она што го остваривме како резултат има историско значење за женската кошарка во нашата држава, а тоа ми е најголем мотив така и да продолжиме. Ти ја имаш честа да бидеш и капитен на оваа репрезентација, што во кошаркарската фела ја нарекуваат најперспективна женска младинска репрезентација. Колкава одговорност носи капитенската улога? Капитенската улога е чест да се носи, но одговорноста е голема. Капитенот треба да умее да го води тимот, би сакала да нагласам дека оваа репрезентација е повеќе од тим, ние сме како семејство и лесно функционираме, како едно сме. Сето тоа благодарение на 12-те во играчи, но и на селекторот Никола Златев, тренерите Ведран Белешковски и Форка Георгиева, како и на нашите Емче, Иван, Доки, кои ни ја даваа максималната поддршка и хемијата што владееше целото лето на подготовките и во Тбилиси, доведе до врвни резултати. Мора да кажам, заедно сме повеќе години, се почитуваме максимално и одговорноста ја делиме и носиме сите заедно, сите за еден-еден за сите. Твојата кариера како млад играч ја градиш успешно во матичниот клуб, КК Крива Паланка веќе осум години каде веќе може да се пофалиш со МВП признание во првенството до 14 години сезоната 2018/19, кога воедно се вброи меѓу најмладите членови на првиот женски сениори тим од клубот што успешно настапува во Првата женска кошаркарска лига. Првотимец си, дел од стартната петорка во сениорската лига, настапи и во младинската WABA Јадранска лига, сезоната што измина играше со КК Крива Паланка со странските сениорски засилувања во Суперлигашкиот тим, настапи на Купот на РС Македонија, освоивте злато и станавте државни прваци во конкуренција до 16 години, бронза до 18 години. Колку значи искуството од сениорските учества,настапи за развојот на еден млад играч? Како релативно млад играч носам повеќегодишно искуство настапи во младинските лиги во мојот драг клуб КК Крива Паланка, каде ги направив првите чекори на паркетот, бев дел од репрезенатацијата до 14 години, настапувајќи на „Slovenia ball“ 208 и 2019 година, дел сум до ФИБА заедно до У16 проектот за развој на млади играчи, членував во репрезентацијата до 15, сега и до 16 години, играјќи против врсничките, а две сезони играм и во WABA Јадрнската регионална лига до 17 години. Но, мора да нагласам дека можноста да играм во Првата лига, каде почнав со 14 години, а веќе три сезони сум дел од стартната петорка на тимот, придонесе уште повеќе за мојот развој и напредок како играч. Во тие натпревари играме против сениорските репрезентативки до нашата земја, се челичиме, градиме искуство, годинава пак игравме и со странски засилувања, црпевме и црпиме искуство од нив, од нашите Маја и Мими, така што, мислам дека клучно за нас младите е што нашите тренери Ведран Белешковски, Мирослав Ивановски и Виктор Петровски ни даваат шанска и добиваме што повеќе можности за настап и голема минутажа во сениорската лига, за да тоа искуство го преточиме во резултат на младинските настапи. Сакам да истакнам дека соработката со сите нив е на највисоко ниво, тие несебично ни ги споделуваат своите искуства, знаења, а тоа понатаму ни ги отвора вратите на успехот, како тоа што може да бидеме дел од репрезентацијата. Секако, соработката со мојот тим е одлична исто така и имаме одлични достигнувања на клупски план. Колку одрекувања, а колку посветеност бара сето тоа? Сето ова бара многу одрекувања, поставување приоритети и одложени бројни слободни активности, излегувања, забави...но големата посветеност во смисла на секојдневни, и тоа по неколку тренинзи, бројни часови поминати во сала, теретана, викенди без слободен ден, натпреварувања, патувања. Но тоа е задоволство и моја определба, љубов, кошарката е нешто што се сака и се живее, тоа е стил на живот. Јас велам : Она што се сака не е тешко. Клубот во кој ги направи првите чекори во кошарката, КК Крива Паланка, е твое јадро, а сигурно дека Крива Паланка полека но сигурно станува еден значаен кошаркарски центар во државата. Како млади играчи добивате поддршка и поттик од клубот, препознатливи сте по големата младинска школа и база која постојано се надградува. Успесите се мотивација, несомнено. Како твоите тренери, како соиграчите, а како семејството сето ова го гради како целина? Да, успесите се мотивација, задоволство и радост, но успехот не е еднократен настан, тоа е процес кој трае и се состои во постојаност, упорност и процес, кој трае. Ние бидејќи сме долго време како тим заедно, секогаш делуваме како семејство, вклучувајќи ги тука, соиграчите, тренерите, стручните лица од клубот, родителите, родители на наши другарки и другари, пријатели, поддржувачи, се почитуваме и заеднички се радуваме сите. Нема подобра формула за успех од оваа и сакам да кажам дека ние сме и по тоа препознатливи како и по паролата „Едно име, еден град, еден клуб во срце носам јас- КК Крива Паланка“. Спортскиот стил на живот ве прави препознатливи помеѓу врсниците, успесите се уште еден мотив плус да бидете продуктивни и во иднина, да целите уште повисоко. Кој е твојот сон, желба, цел, бидејќи со континуирано усовршување веќе тропате на вратите на женската сениорска репрезентација? Кошарката е мојот живот, јас живеам со и за кошарката. Сонувам, сакам и работам на тоа да се натпреварувам секој ден, постојано и цврсто со себеси, да бидам подобра од себе секој ден, денес повеќе од вчера, утре повеќе од денес. Сакам да бидам победник во тој мој натпревар низ животот, а се надевам и верувам тоа еден ден ќе ме однесе и во сениорскиот репрезентативен состав, бидејќи сон на секој играч, гордост и чест е да ги брани боите на својата држава. Ирена Димитровска

Остани поврзан